Премиерско место во преодната или во техничката влада -ова се најновите понуди до опозицискиот лидер, за да ги убеди пратениците да гласаат за измените на Уставот. Тоа ќе значи и дека Мицкоски ќе треба да стави и потпис на веќе изготвените предлог-уставни измени.
„Јас сум потписник на предлогот за уставни измени. Ако некој од ВМРО-ДПМНЕ сака да ја има таа чест, јас со задоволство ќе му ја отстапам. Ќе имате премиер од ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе биде подносител на уставните измени“, изјави премиерот Ковачевски на брифинг со новинарите.
Останува и понудата во преодната Влада СДСМ да им отстапи пет министерски места на ВМРО-ДПМНЕ. Но, остануваат и разијдувањата околу тоа од кога да важат измените, кое за опозицијата треба да биде по влезот на државата во ЕУ, а за власта од втората меѓувладина конференција.
На новинарско прашање зошто веднаш е дадена согласност за внесување на Бугарите во уставот, без да се најде друга варијанта, одговорот беше дека, промената на преамбулата на таков начин ќе го смени целиот концепт на уставот.
Од владата ќе почекаат уште неколку дена ВМРО ДПМНЕ да делегираат свои претставници во работната група за уставни измени. Од власта брифираат дека ако нема одговор, крајното решение е, СДСМ да почне директни преговори со опозициските пратеници при што ќе ги убедуваат да гласаат за измените без уцени.
Тврдат дека, токму на ова се однесувала и изјавата на Османи, кој рече дека, уставни измени ќе има, со или без Мицкоски.
Министерот не сакаше да објасни на што поточно мислел, ниту, пак, го открива резервниот план.
„Имаме план Б, не можам да ви го претставам резервниот план, затоа што инаку не би бил стратегија, но ви гарантирам дека доколку не се реализира планот А, ќе се реализира планот Б“, беше кажано на брифингот.
Османи даде и нова понуда – местото премиер Албанец да им го отстапат на ВМРО-ДПМНЕ, ако гласаат за измените. Опозицијата веднаш го одби предлогот.
Од ВМРО-ДПМНЕ го повторија ставот дека, се подготвени да гласаат за уставните амандмани, но со одложено дејство, односно да стапат во сила кога за Македонија ќе биде донесена одлука да стане членка на ЕУ.
Предлог измените се во министерството за Правда и во следните неколку недели ќе бидат доставени во парламентот.