Реакцијата на Здружението на судиите не соодветствува со уставната, правната и судската култура кои се од исклучително значење за враќањето на угледот и на довербата на граѓаните во правосудниот систем и воопшто во институциите на системот.
Ова е одговорот на Уставниот суд на реакцијата на Здружението за судиите кое утрово го обвини Уставниот суд дека носи одлуки спротивни на Уставот кои може да имаат далекусежни последици на правниот систем со тоа што одлуката за платите на судиите со која им ја отфрли иницијативата, важи ретроактивно.
Здружението на судиите најави и друга иницијатива и кажа дека ако не биде прифатена, ќе го тужат Уставниот суд пред Меѓународниот суд во Стразбур.
–Судот како заштитник на слободата на мислата и на јавното изразување на мислата, ги поддржува размислувањата и дебатите во јавноста и особено се добредојдени сите реакции кои содржат издржана правна квалификација. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Судот по предметната иницијатива одлучи, се вели во дел од одговорот.