За „успехот”, короната и политиката

by Fokus

Пишува Владимир ЛАЗАРЕВИЌ

„Успехот” на нашата бункер стратегија се покажува дека има краток здив и издиша како балон уште пред и да го прославиме како што треба. За разлика од Македонија, која се уште е во вонредна состојба, и каде се практикува 14 дневен државен карантин како мерка за заштита од поганиот вирус, земјите во регинот се ослободија.

Србија е слободна држава. Во Србија може секој да долета и да се прошета. Не му треба ниту тест, не му треба ниту домашна изолација. Културно на граница ви даваат информација како да се справите со вирусот, каде да се обратите во случај на симптоми и слободно заминувате каде патот ве води. Босна и Херцеговина е слободна. Хрватска и Словенија се ослободени и си ги вратија дел од децата во училиштата, додека нашите со месеци дремат по дома. Една релевантна студија на Светска Банка укажува дека повлекувањето на децата од училиштата за 4 месеци ќе има катастрофални долгорочни последици. Проценките се дека намалувањето на животниот приход на нашите деца кои имаат загубено само 4 месеца од своето школување ќе биде еднакво на 15% од глобалниот бруто домашен производ. Дали нашите власти се свесни за овие податоци? Има ли кој да им каже? За каков успех се говори кај нас? Во што се мери македонскиот успех во борбата против короната? Во бројот на најмногу загубени релативно млади човечки животи по глава на жител во целиот регион? Во можноста да се покрене економијата?

Престижната Резолушн Фондација проценува дека сите оние студенти кои оваа година ќе излезат од студиите ќе бидат со значително помали шанси да најдат вработување во наредните 3 години. Се очекува дека ефектите од оваа пандемија и начинот на кој светот се бори од неа ќе се развлечат до 2030 година. Дали некој пресметал колку време ќе им биде потребно на нашите дипломци додека дојдат до прво вработување после оваа криза?

Друга студија направена за потребите на посиромашните афрички земји (Малави) укажува дека штетите од глобалното заклучување на државите и прекинувањето на школувањето на децата во однос на бенефитот кој го носи е во износ 25 : 1. Македонија не е можеби сиромашна колку Малави, ама не е ниту богата како Швајцарија. Сиромаштијата беше, но за жал се чини уште долго ќе остане наше секојдневие. Економските последици ќе ги чуствуваме со години, и нема да бидат пресудни во одлуката само за овие, туку за многу наредни политички избори…

Понатаму, престижната Лондон Школа за Хигиена и Тропска Медицина, пресметува дека ако рестрикциите кои ги наметнуваат државите ги оневозможат вакцинациите во Африка ќе умираат 140 деца за да се спаси 1 (еден) Ковид 19 живот. Има ли направено нашиот Инситут за Јавно Здравје проценка како се одразува пандемијата и рестрикциите врз редовната вакцинација на нашите деца? Колку деца имаат испуштено редовна вакцинација? Или да отидеме малку понатаму. Колку пациенти имаат починато како резултат на страв да се јават во болници, или како резултат на одложување на однапред закажани интервенции? За колку е намален квалитетот на животот на сите оние граѓани кои не успеале навремено да добијаат соодветна, планирана и закажана медицинска интервенција?

Нашата стратегија за борба против короната е неуспех и тоа ќе биде долгорочен неуспех. Сега причините за неуспехот ќе ги барааме во литиите во Струга, во ифтарите за Рамазан, во доаѓањето на дијаспората дома, и каде се уште не. Само никако да и погледнеме на реалноста во очи. А таа е болна, зошто Македонија е се уште корона заробена држава.

Најголемиот проблем со нашата неуспешна стратегија не е само што влеговме во неа „грлом у јагоде“, туку што не знаеме сега како да излеземе од неа. Поточно, го преплашивме населението од опасноста на вирусот, и сега сакаме да го одплашиме преку ноќ. Сега, одеднаш, ќе помине 30 мај, и се ќе се среди, па и избори ако треба ќе се организираат. Е како бе така? Па ова нема ни… а не пардон, во Белград има се и може се. Белград и Србија се слободни за секој кој сака да влезе во нив. И нека си организираат избори на 21 јуни не е проблем. Ама, кај нас прикаските за брзи избори во услови на успешна карантин вонредна ситуација нека ги паркираат во гаража за некое време. Нека се посветат на спасување човечки животи и работни места, а не на спасување политички кариери.

Поврзани новости