За уплата од 1.000 денари, можни добивки и од 7.500 евра во обложувалниците во земјава за победник на Евросонг!

by fokus

Типувањето во обложувалниците за победник на музичката манифестација Евросонг со години наназад е доста популарно ширум светот. Во изминативе години, и кај нас дел од љубителите на настанот се решаваат да извршат уплата на тикет, со својот фаворит како можен победник, а доколку прогнозата се испостави како точна, добивките се навистина солидни.

Така на пример, за уплата од 1.000 денари за песна која се наоѓа на светските топ листи на можни победници на Евровизија, можната добивка изнесува околу 1.000 евра.

Моментално, како фаворити со најголема шанса за победа се Франција, Малта, Италија, Швајцарија, Исланд… Додека пак, доколку се типува на песна која не е на листата помеѓу фаворитите, може да се заработат и суми од 5.000, па се до 7.300 евра, за уплата од 1.000 денари, секако, доколку избраната песна победи на натпреварот.

За Србија коефициентот изнесува 10, односно за уплата од 1.000 денари можна е добивка од 10.000 денари, за Грција коефициентот е 125, или за 1.000 денари е можна добивка од 125.000 денари, за Германија, Англија, Шпанија, Холандија… со коефициент од 450, за уплата од 1.000 денари е можна добивка од дури 450.000 денари.

Сепак, и покрај високите можни добивки, барем во Македонија, обложувањето за победник на Евровизија во минатото не беше многу популарно. Повеќето кои се решаваат да типуваат во обложувалниците, тоа го прават за најчесто за спортски настани.

Во помалите градови, се случува да нема ниту една уплата на тикет за Евросонг, велат вработени во обложувалници. Според нив, тоа се должи на слабата информираност на јавноста за големите можни добивки, но и поради фактот што спортот е далеку попопуларен кај нас од музиката.

-Играчите на игри на среќа, барем во Македонија, очигледно многу повеќе се разбираат од фудбал, отколку од музика. Но, со овие можни добивки на тикетите за Евросонг, веруваме дека многу од оние кои играат спортски игри на среќа, ќе се префрлат и на музичките. Потребна е само поголема реклама – ни изјавија вработени во позната обложувалница.

Во Скопје, Охрид, Битола и други поголеми градови, овој вид на спорт станува популарен изминативе години, и можат да се забележат изложени билтени на шалтерите во обложувалниците со истакнати коефициенти за земјите учеснички.

Кога е Евровизија во прашање, многу често се случува победникот да биде вистинско изненадување. Имало случаи кога одредени земји биле големи фаворити, за да на крај победата ја однесе претставник кој не котирал високо на листите.

Финалето на Евросонг 2021 ќе се одржи вечерва со почеток од 21 часот, а ќе настапат 26 земји.

Вики Клинчарова

Поврзани новости