За предлогот за укинување на „пржинската влада“ кој веќе е поднесен во Собранието од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според претседателот на Собранието Талат Џафери, не е проблемот кога ќе се стави на собраниска седница туку е потребно да се обезбеди консензус од поголемите политички партии.
Во гостување на ТВ Сител Џафери вечерва посочи дека и до таквиот модел на влада се дојде со процесот за надминување на политичката криза во 2015 и 2016 година и оти тој договор беше условно кажано постигнат надвор од Собранието помеѓу четирите поголеми политички партии во тоа време.
-Имавме координација минатиот понеделник, коордионаторот на ВМРО-ДПМНЕ излезе со укажување дека тие подготвиле Предлог закон и ќе го пуштат во постапка. Укажав дека тој предлог закон во секоја смисла треба да ја има и поддршката низ потпис на координаторите како што впрочем и пред неколку години го имавме со соодветните потписи. Но не чекале тоа да се усогласи така, туку го пуштиле. Ако имало консензус опозицијата требало да чека тој консензус да се изразува и низ потписите на другите координатори од поголемите политички партии, рече Џафери.