Казна од една до пет години затвор му се заканува на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, осомничен во случајот „Тортура“, кој во март годинава го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Мијалков денеска за овој случај беше на распит во СЈО.
Мијалков, заедно со уште шестмина вработени во МВР се осомничени за кривичното дело Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување од чл. 142 став 1 од Кривичниот Законик, а поврзано со апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, еден ден по завршувањето на парламентарните избори во 2011 година.
За ова кривично дело во Кривичниот законик е предвидена затворска казна од една до пет години.
„Тој што во вршењето на службата, како и тој што наведен од службено
лице или врз основа на негова согласност, ќе употреби сила, закана или
друго недопуштено средство или недопуштен начин со намера да изнуди
признание или некоја друга изјава од обвинетиот, сведокот, вештакот или
друго лице, или ќе предизвика кај друг тешко телесно или душевно
страдање за да го казни за кривично дело што го сторило или за што е
осомничен тој или друго лице, или за да го заплаши или да го присили на
откажување од некое негово право, или ќе предизвика такво страдање
поради каков било облик на дискриминација, ќе се казни со затвор од една
до пет години“, пишува во член 142, став 1, во Кривичниот законик.
В.В.