За стрчењето

by Фокус

А, новоизбраната македонска претседателка стрчеше, бидејќи не се вклопуваше во Преспанскиот договор, па фрлија анатема. Парадигма за стигматизирање на стрчењето во криво насадената Македонија е негативната кадровска селекција во изминатите триесет и кусур години. Ваквиот медиокритетски кадровски систем го практикуваа сите три статус кво партии.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

На мајските претседателски и собраниски избори се потврди дијагнозата за перманентното тонење кон дното на самонаречената „државотворна“ СДСМ. Дебакл, пред сѐ, поради Лениновиот патент на негативна кадровска селекција во изминатите триесет и кусур години.

Во конфорната зона на тивка бездна на (пот)просечност, не одлучуваа најумните и најспособните, бидејќи не сакаа никој да стрчи. Ниту за добро, ниту за лошо. Стриктно се спазуваа принципот шајката што стрчи, да се удира со чекан. Прва точка во непишаниот Закон за стрчењето им беше: „Кој стрчи, ќе го изгориме“… односно „скратиме за педа“.

Во Дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот стрчење значи „кревање високо“, „отскокнување“, „паѓање в очи по квалитет“. Стрчење или истакнување во работната и животната средина. Еквивалент на значењето „stand out“ во англискиот јазик.

ЈАНИЧАРОТ Е ПОЛОШ ОД ТУРЧИНОТ

Стрчење беше оквалификуван „вербалниот деликт“ на претседателката Гордана СилјановскаДавкова, која на свечената изјава гласно и легитимно го изговараше забранетото и проскрибирано име на својата земја Македонија.

Со ваквиот ерес, им брцна в очи на јужните соседи, кои експресно ја активираа т.н. „меѓународна заедница“, која реагираше со укажување дека не смее по никоја цена да се прифати и толерира чувството на гордост и самоидентификација на претседателката како Македонка, а нејзината држава како Македонија!

Апсурдно и шизофрено, но најмногу се вџашија, разбеснеа и лаеја шугавите домашни родоотстапници и неразбрани трговци. Парадигматична потврда на старата народна вистина „Јаничарот е полош од Турчинот“.

Демек, со ваквиот ерес опасно се загрозувал инженерингот Преспански договор. Може да се преиначи и негира Дарвиновата теорија за биолошка еволуција, но сак’н Договорот за обезличување на македонската држава и народ!

Неолибералната прагма дозволува homo sapiens да се чувствува како сака: небинарна личност, говедо, тиква, воздух, ќутук. Само Македонец, не!

А, новоизбраната македонска претседателка стрчеше, бидејќи не се вклопуваше во Преспанскиот договор, па фрлија анатема.

Парадигма за стигматизирање на стрчењето во криво насадената Македонија е негативната кадровска селекција во изминатите триесет и кусур години. Ваквиот медиокритетски кадровски систем го практикуваа сите три статус кво партии.

Победникот кој ќе ја зграпчеше власта, се дистанцираше и ги игнорираше личностите со интегритет и компетентност, стравувајќи дека ќе падне во нивна сенка, па се опкружуваа со послушни зевзеци.

Системот на кадровска пирамида од медиокритети на „државотворците“ функционираше според потврдениот модус операнди.

ДИБИДУС НЕКОМПЕТЕНТНИ КАДРИ

Темелот беше партискиот штаб на Бихаќка, каде што се селектираа и предлагаа благонадежни функционери, за кои не беше битно да се разбираат во конкретните области, туку нивната морално-политичка подобност и послушност.

Меѓутоа, селектираните функционери воопшто не беа наивни или, не дај Боже, мавнати и знаеја дека мора да си го пазат задникот, па си одбираа послушни соработници, кои продолжуваа според истиот модус операнди.

Крајниот резултат – „државотворната“ СДСМ селектираше лојални, но дибидус некомпетентни кадри.

Негативна селекција или обратен избор, во кој не најдобрите, туку најкалпавите се искачуваа по функционерската скала. Кога ваквото шутрачко напредување ќе се дополни со „додатна вредност“ на партиска селекција, непотизам и кронизам, воопшто не зачудува фактот што грабливи тамаќари некадарници ја изглодаа и клапнаа Македонија на колена.

Опседнати да се доберат до фотелја и престижна позиција, арогантни, непринципиелни и корумпирани, ниту знаеја тоа што треба да го работат, ниту, пак, сакаа да научат. Не гледаа потреба да се опкружуваат со лица што можат и умеат.

Мисла водилка им беше таквите да ги дискредитираат и игнорираат со мобинг и дисциплински постапки.

Некадарниците беа кукавичини јајца во институциите на системот, од кои се испилуваа мали, кои ги исфрлаа од гнездата вредните и успешните. Без вредносни критериуми и правила, нивниот мафијашки принцип беше да земаат оддолу и да препраќаат нагоре.

Само така беа пореспектирани и со реални шанси да напредуваат во кадровската хиерархија. Со секоја скала погоре им се намалуваше процентот што го препраќаа нагоре, а се зголемуваше износот што го задржуваа за себе.

Самопрогласениот „државотворен“ СДСМ до ова дереџе стигна со бесчесното „свето тројство“ на родоотстапништво, рушветчиство и медиокритетски кадровски модус операнди, зачинето со висока доза секташка интолеранција и одбојност кон кадрите што стрчат!

Поврзани новости