Професорот на Економскиот факултет и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а од неодамна претседател со Советот на Град Скопје Трајко Славески смета дека одлуката на Владата да ги замрзне цените на одредени производи е популистичка мерка, со која нема да се ублажи ударот врз животниот стандард.
-Слушнавме и од стопанството, од компаниите дека ова е една популистичка мерка, која нема да повлијае на заштита на животниот стандард. Затоа што кога го пригушувате стандардот, особено кога се работи за отстапување на она што се трошоци за производство или набавка, знаеме ние дека во нашата дневна палета на производи што ги користиме, користиме значителен обем на производи кои што се од увоз, тука ние не можеме да влијаеме. Реперкусиите ќе се или недостаток на некои артикли на пазарот со замрзнати цени, сива економија и слично. Ова е една непазарна мерка која треба што побрзо да се напушти, да се влијае на факторите, кои придонеле до таков дисбаланс, до таква дестабилизација, смета Славески.
Во интервју за Радио Слободна Европа тој потсетува на 2007-2008 година кога имавме слична ситуација со цените на енергијата, но не биле преземени вакви мерки.
-Нафтата во јули 2008 година достигна цена од 142 долари за барел, сега не е повисока од 75-80 долари беше највисоката и после се симна. Имавме драматичен пораст на цените на житарките на светските пазари. Не замрзнавме цени, тоа е едно добро менаџирање на состојбите, инфлацијата се покажа од времен карактер и цените се смирија за само неколку месеци. Мислам дека лошо се менаџира, вели тој.
Според него, барем до сега, овој раст на цените не се должи на зголемените цени во тој обем на енергенсите, на електричната енергија, туку, како што вели, тоа допрва доаѓа, затоа што се најдовме во ситуација да набавуваме на дневна основа електрична енергија по највисоки цени и тоа во иднина, со извесно задоцнување ќе има негативен ефект на растот на цените.
-Од друга страна на растот на цените, тоа мора да го признаеме влијаат и некои мерки кои што беа неопходно во минатото. Минатата година ние имавме значителен пад од над пет проценти на Бруто домашниот производ, рецисија во четири квартали, а со задолжување од надвор се поддржуваа доходите на одредени социјални групи, се делеа плати или субвенции на претпријатијата и таа куповна моќ, сега соочена со помало производство, нормално притиска на цените, објаснува Славески.