Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека одлуката на Уставниот суд за одржување подготвителна седница за иницијативите за Законот за употреба на јазиците, пред конечно одлучување за неговата и уставноста на неговите одредби, е очекувана.
„Многу пати сум велела дека во Уставниот судот треба да има повеќе јавни расправи. Едно време беа речиси суспендирани. Тоа е онаа фаза кога ќе се поканат претставници на иницијаторите, претставници на институциите, но и претставници на оние кои не се согласуваат со иницијативите“, рече претседателката во изјава за медиумите.
Во однос на потезите на судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, кои ја бојкотираа вчерашната седница на Уставниот суд, претседателката рече дека не ги разбира.
„Не сум чула некој да бојкотира работа на суд или на уставен суд. Тие се таму за да решаваат. Можат да гласаат ‘за’, можат да гласаат ‘против’, меѓутоа она што најшокантно ми зазвуче вчера е дека не може да се признаваат одлуки на еднонационален суд“, додаде Сиљановска-Давкова.