За шест месеци – речиси 400 случаи на семејно насилство

by Фокус

Полицијата регистрирала 389 случаи на семејно насилство во првите шест месеци од годинава, што е зголемување од 16,1 отсто во споредба со минатата година. Најголем пораст на случаите на семејно насилство имало во Тетово, Штип и во Скопје.

Според МВР,  67 отсто од жртвите на семејно насилство завршиле со телесни повреди, а на 30 отсто им била загрозена  сигурноста. Останатите кривични дела кои биле извршени во сферата на семејното насилство биле две убиства и противправни лишувања од слобода и по четири тешки телесни повреди и присилби.

„Како сторители на кривични дела, во 93% од случаите се јавуваат лица од машки пол“, констатираат од МВР.

Сторителите при извршување на кривичните дела во 95 случаи биле под дејство на алкохол, при извршување на три кривични дела сторителите користеле наркотична дрога, додека 167 дела ги сториле во состојба на психичко растројство.

Зголемен е и бројот на поплаки за семејно насилство за 3,4 отсто за разлика од лани – годинава, 2.120 лица се пожалиле дека се жртви на семејно насилство. Најголем број од поплаките е поради психичко малтретирање на жртвата-1.641, потоа 388 се заради физичко малтретирање и 91 поплака е поднесена поради тоа што сторителот ја малтретирал жртвата од економски побуди.

Поврзани новости