„Во период од шест години, во услови на кризи, за време на владеењето на оваа Влада имаме раст на платите од 60% отсто, додека пак во времето на претходната Влада, во периодот од 2011 до 2017 година растот изнесуваше само 8,9% во сите сектори“, изјави заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи во вчерашното гостување во емисијата „Само Интервју“, на Канал 5 телевизија.
Во врска со усогласувањето на висината на платите на функционерите која беше воведена со одлуката на Уставен суд, вицепремиерот Битиќи истакна дека постои политичка волја за системско решение, но истото бара одредено време, поточно промена на седум закони, кое не може да се направи преку ноќ.
„Имаме работна група, имаме веќе одредени размислувања, како што работиме доаѓаме до одредени предлози, за кои се консултираме со сите министри. Не може да се сменат седум закони без да се прашаат сите чинители на кои тие се однесуваат. Наскоро ќе има законско решение, и овој случај ќе го затвориме“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи се осврна и на протестите на судската и обвинителската администрација за зголемување на нивните плати, и најави средба со претставници на Синдикатот на УПОЗ, на која ќе отпочне дијалог за наоѓање на системско решение.
„Во периодот од 2014 до 2023 година платите на судската и обвинителската администрација се зголемија за над 70%“, потсети Битиќи.