Осум-годишното дете од Скопје, кое синоќа починало по напад од куче, се здобило со тешки повреди на вратот и во пределот на главата.
Од МВР потврдија дека детето им подлегнало на повредите од нападот на куче во сопственост на неговиот сосед Н.Г., како и дека е известен јавен обвинител, а телото на момчето било предадено на обдукција.
На прашањето на ,,Фокус” за која раса на куче станува збор, дали истото е заловено, и што ќе се случува со него, од министерството велат дека уште не можат да соопштат детали.
Сепак, во голем број на медиуми се објави информацијата дека се работи за куче булмастиф, раса која е добиена со вкрстување на мастиф и булдог, и важи за животно со многу силна мускулатура, познато како добар чувар кое може да достигне тежина од над 50 килограми.
Оние кои одгледуваат булмастиф, велат дека оваа раса на кучиња е доста приврзана со семејството, но се однесува резервирано со непознати луѓе. Голем е бројот на огласи во кои се нудат на продажба мали булмастифи по цена од околу 300 евра, додека пак оние со врвно педигре можат да достигнат и цена од над 2.000 евра.
За трагедијата ,,Фокус” разговараше со Зоран Пешевски од Ветеринарно-сточарскиот центар Тодор Велков, кој вели дека институциите мора да работат координирано и да се стави ред во чувањето на опасни раси на кучиња.
-Не може опасни раси на кучиња да се чуваат и размножуваат без да се запазат законските регулативи. Не смее да се дозволи и да се шеаат булмастифи, кане корсо, ротвајлери и слични раси без заштитна маска, не смее да се дозволи тие да можат слободно да излезат надвор од простор кој би требало да е наменет за нивно чување. Во голем број на развиени земји во светот овие раси се забранети, од кај нас не е дозволен нивни увоз, и тоа е така со причина.
Вознемирен сум од оваа трагедија, апелирам на координација помеѓу МВР, АХВ и сите други институции кои треба да воспостават ред во оваа сфера.
Конкретно, минатиот месец имавме случај кога азијат нападна и искаса осум лица во Куманово. Кучето е сместено во ВСЦ Тодор Велков, го помина тој период на опсервација, нема беснило, но се уште е агресивно. Дојдоа луѓе да го видат, заинтересирани за да го вдомат, но се откажаа, бидејќи тоа покажува агресивност. Мораме да ги запазиме законските процедури, да почекаме да помине еден месец, што значи дека за неколку дена, бидејќи нема никаков напредок, тоа ќе биде еутанизирано. Верувам дека истата процедура ќе следи и во случајот со кучето кое го усмрти детето од Скопје – вели Пешевски.
Апелира до јавноста дека чувањето на куче е одговорна работа и мора да се покаже одговорно сопствеништво. Доколу некој е решен да чува куче од раса која е позната како агресивна, да го прави тоа според закон и да не ја загрозува јавноста.
По трагедијата со осумгодишното дете, во јавноста се отвораат прашањата околу законите за одгледување на раси на кучиња, кои се познати по агресивниот темперамент, и за кои и во минатото имало случаи кога нападнале и изгризале човек до смрт.
Се бара почитување на законот и задолжително шетање со подводник и маска на расите како булмастиф, ротвајлер, питбул, односно на сите потенцијално опасни кучиња, кои се мускулести и силни, со тежина поголема од 20 килограми, но и нивно чување во заграден простор или во боксови.
Јавноста се сеќава и на случајот од март 2017 година, кога 4-годишно дете беше искасано до смрт од повеќе кучиња во кичевското село Бачишта.
Малиот Џеваир беше нападнат од кучиња на соседот, на кои потоа им се приклучила и глутница од улични кучиња, кога излегол од дома и преку нива сакал да стигне до соседната куќа каде бил неговиот татко.
Со тешки повреди на стомакот и скршеници на градниот кош и черепот, тој беше пренесен во Скопје на клиника, но не преживеа. Тогаш од МВР најавија дека против сопственикот на кучињата ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од здруженијата за заштита на животните тогаш излегоа со барање со закон да се да се дефинира задолжителна стерилизација, формулирање законска рамка која ќе санкционира неодговорно сопствеништво – напуштање и неконтролирано размножување на милениците и доследна примена на законите.
Вики Клинчарова