Проблемот со дивоизградените објекти во Охрид е напластуван со години наназад, а последен пат нивно отстранување имаше во 2003 и 2004 година, смета градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, кој вели дека оттогаш до денес, во Охрид не е срушено ниту едно столпче.
Според него, овој проблем не може да се реши во рок од неколку дена, туку битката во справувањето со бесправно изградените градби ќе трае неколку години.
-Отстранувањето на бесправно изградените објекти е процедура која во рамки на Општина Охрид била изоставувана години наназад и соодветно не се санкционирале бесправните градби. Тоа е причината поради која во Охрид имаме толку бесправни градби. За секоја активна дива градба треба да се пристапи за отстранување по однос на решението. Тоа отсега ќе биде вообичаена практика, и за секоја дива градба ќе се постапува соодветно, изјави градоначалникот Георгиески.
Георгиески појасни дека постапувањето со бесправно изградените објекти не подразбира само активности на терен, туку, претходно се потребни исцрпувања на сите правни процедури.
-Можеме да постапуваме само кај тие објекти кои се со правосилни заклучоци за отстранување. Има објекти кои се со решенија за отстранување, кои се обжалени на суд, а дел од нив се со поднесени барања за легализација. Значи за сите тие објeкти кои се под одредена друга постапка не можеме да постапуваме. Секојдневно се доставуваат известувања за извршување по однос на решенијата за отстранување. Дел од сопствениците на бесправно изградени објекти кои добија известувања дојдоа во општината и изразија волја и желба сами да ги остранат објектите. Доколку не постапат во одредениот рок, ќе постапи општината, рече Георгиески.
Охридскиот градоначалник потврди дека во активностите за справување со проблемот со нелегалните градби, општината има поддршка од централната власт.
-Ценам дека работите се значајно поместени од мртва точка и дека треба сфаќањата целокупно да се променат. Конечно овде мора да почне да се почитува правото и законот, истакна градоначалникот Георгиески.
Акцијата за остранување на дивоизградени објекти на подрачјето на Општина Охрид се одвива во согласност со законските процедури и Акцискиот план за постапување по препораките од последната сесија на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО.
Георгиески најави дека на 30 септември ќе биде дел од државната делегација што ќе патува во Париз, Франција, во седиштето на УНЕСКО, каде што ќе се презентира првиот извештај за напредок по однос на препораките од последната сесија на Комитетот на светско и природно наследство.