Насекаде читам само критики за „теоријата„ дека петкратното убиство на младите матуранти на Смилковското езеро непосредно пред Велигден е мотивирано од верска омраза и фанатизам како мотив. Некои дури тврдат дека наводно тоа било иницијалната каписла за сите проблеми и незадоволства во случајот!
Во ред, ајде тогаш врз основа на се што знаеме за младите жртви, нивните семејства, околностите под кои се извршени убиствата, начинот на кој се извршени, која е нивната теорија, која е теоријата на критичарите? Мора да имаат некоја теорија…
Убиените матуранти и нивните семејства биле вклучени во некаков криминал од типот на дрога, трговија со луѓе, оружје и сл., па ова е дело на меѓукриминални пресметки?
Или, се собрале неколку психопати и онака случајно пукале по младиве на осамено место? Или, одмазда за некакви лошотилоци што децава ги направиле на некого претходно? Или пак, петкратното убиство е без мотив, ама добро осмислено, испланирано и спроведено?
За секое убиство се бара мотивот, се развиваат хипотези кои потоа се проверуваат, истражуваат, се бараат докази, се потврдуваат или негираат, со лесно или со тешко, а вистината некогаш може да биде и индикативно јасна, но без да може да се докаже (било со црврсти докази или преку индиции како посредни докази)…
Но, „теории“ имало и ќе има, и во рамките на засегнатите страни во формалните правни процедури, а и во јавноста, па не е првпат, ниту кај нас, ниту во светот. Не е дека не сме виделе и чуле, одма се шпекулира кој стои зад нешто, со кој мотив…
Кога станува збор за јавноста, не можете да спречите луѓето да логицираат. Единствено што е океј е да се повикува токму на тоа – на логицирање, мислењата да се формираат не врз основа на предубедување и на емоции, туку рационално.
Но, по ист аршин, апсолутно е идиотски, нелогично и некоректно да ја одбивате една од најкредибилните теории, или да си играте некакво политичко коректно мамбо-џамбо само за да минимизирате дека дел од популацијата можеби е забегана веќе во верски екстремизам и фундаментализам, и дека тоа можеби веќе го претвора во дела на тероризам.
Зошто на тие и таквите критичари им е некако „незгодно“ да зборуваат за тоа? Демек, не видовме и некои работи на вчерашните демонстрации, некакви такви знамиња, пароли? Демек, не гледаме веќе некои модни трендови во „ изгледот и облекувањето“, не баш типични за нашата средина, дури и од вески аспект? Не гледаат како наши млади момчиња одат во џихадисти за нечии екстремни каузи во други земји?
Или, слично како што молчеа како риби кога се „амнестираа“ воени злосторства и злосторства против човештвото и сега ќе се прават на мутави? Се на се, критикувајте го и обвинителството, и судот, и дали имало и немало доволно докази, дали се судат вистинските сторители или не, само немојте да се правите мутави за некои од најкредибилните теории за мотивите зошто згаснаа петте млади животи кај Смилковското езеро.