За само седум часа вчера во Штип се заврши акцијата за помош на самохраниот татко Љупче, организирана од страна на хуманитарецот Александар Георгиевски.
Поранешниот пожарникар, кој откако се врати во родниот Штип, по подлог период поминат во Швајцарија, редовно е во служба на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна состојба. Набргу по објавата на Љупче, кој самиот се грижи за својот син Андреј, живее во лоши услови и често не може да купи ниту млеко за детето и го хранел со шеќер и вода, Александар организираше акција на која веднаш се приклучија голем број на хумани граѓани, но и компании од Штип.
-Обезбедена е детска количка, корито, нова облека, ќебиња, цуцли, шишиња, играчки… Обезбедена е храна, мини шпорет, фрижидер, телевизор, тостер, кревет, лустер. Денес ќе биде обелена и дезинфицирана собата во која живеат, семејството ги доби сите потребни работи за нормално секојдневно функционирање. Има најава дека Љупче наскоро ќе биде вработен, како и дека ќе му биде доделен социјален стан.
Ако граѓаните сакаат нешто да донираат, можат тоа да го направат за некоја друга фамилија или пак во Црвен Крст, секогаш има семејства на кои им е потребна помош. Овде е обезбедено се што треба, заеднички покажавме на дело дека се грижиме за ранливите категории – порача хуманиот штипјанец, кој во тек на вчерашниот ден ги сплоти штипјани.
Многу од нив донираа за семејството, а пак дел од граѓаните денес волонираат во чистењето и уредувањето на домот на таткото.
Вики Клинчарова