За една недела 946 реинфекции, досега 2.134 лица се заразиле по втор пат

by Fokus

Само за една недела има нови 946 реинфекции, што е зголемување од седум пати во однос на претходната недела, покажуваат последните податоци на Институтот за јавно здравје

Според извештајот, досега заклучно со 9 јануари, 2022 година по втор пат се заразиле 2.134 лица.

Согласно анализите на Институтот за јавно здравје, во период од една седмица за 51 процент е зголемен бројот на позитивни од тестирани на SARS-CoV-2.

„Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст од 30-39(27 проценти), 20-29(24 проценти) и 40-49(17 проценти). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9(2 процента). Најголемо зголемување на заболени е кај возрасната група од 20-29 години како и кај возрасната група од 30-39 години“, се наведува во извештајот.

Според извештаите од болниците,  моментално на територија на цела држава се хоспитализирани 351 лице што е 41 процент повеќе во споредба со претходна недела. Од вкупниот број хоспитализирани пациенти, 156 се во Скопје на КИБФС, ТБЦ и ГОБ 8 Септември. Во останатите болници низ државата хоспиталзиирани пациенти има во Битола, Штип, Велес, Куманово, Охрид, Прилеп, Струга, Кичево, Кавадарци и Струмица.

„Зголемен е бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата, бројот на прегледи на дневно ниво понекогаш во болниците во Скопје надминува 100 пациенти“, информираат од ИЈЗ.

Според епидемилошките анкети, најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат, соопштуваат од Министерството за здравство и апелираат граѓаните кои чуствуваат какви било симптоми, да направат тест и да се изолираат за да спречат ширење на вирусот.

И.М.

Поврзани новости