За Рама менувањето на границите е историска шанса

by fokus

Албанскиот премиер Еди Рама, коментирајќи ја идејата за менување на границите меѓу Косово и Србија, рече дека тоа е историска шанса што доаѓа еднаш на 30 години иако, како што додаде, се уште нема некоја финална идеја за ова прашање. Рама не се изјасни директно за или против менувањето на границите, кое го предложија претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.

– Моето мислење е ова: јас немам одговор за да кажам дека ова е решение, но можам да кажам дека не е критика за Хашим Тачи, туку мислам дека персонализирањето на ова е нешто што може да има многу голема цена, тоа е едно нешто што може да има многу голема цена. Знам која може да биде цената? Ние сме пред една историска шанса и постојат многу изгледи да ја изгубиме отколку да ја добиеме доколку се однесуваме како аматери. Ваква шанса може да дојде по 30 години, изјави Рама гостувајќи во емисијата „Опињон“ на тиранската телевизија Клан.

Ова е прва официјална изјава на Рама во врска со идејата за корекција на границите меѓу Косово и Србија.

Претходно шефот на државата Илир Мета, како и лидерите на опозициските партии изнесувајќи го ставот против ваквата идеја, истата ја оценија како многу опасна по мирот и стабилноста во регионот. Тие го подржуваат дијалогот Косово – Србија со постигнување договор.

Поврзани новости