На Клиниката за Ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ Скопје, вчера за прв пат беше изведена трансплантација на лигамент од починат донор. Млад 34- годишен пациент со сериозна повреда на десното колено, доби мекоткивен графт експлантиран од починат донор.
Операцијата која траеше неколку часа на Клиниката за Ортопедија ја изведе ортопедскиот хирург д-р Алан Андоновски заедно со неговиот тим од клиниката.
„Се работи за ревизија на скинат преден вкрстен лигамент на десното колено, што е прилично честа повреда кај физички и спортски активната популација. Ревизијата се направи со графт од починат донор. Пациентот постоперативно се чувствува одлично и пред него е период на рехабилитација“, вели д-р Алан Андоновски, хирург од Клиниката за ортопедија кој долги години работи во делот на мекоткивната ортопедска хирургија.
Ова е деветта трансплантација од починат донор во последните десет месеци на Клиниката за Ортопедија. Од почетокот на 2021 година на Клиниката е возобновена и Банката за коскени ткива каде се чуваат експлантираните графтови.
„По првата експлантација што ја направи тимот од Клиниката на 17 април минатата година, до денес се направени пет експлантации и девет трансплантаци на коскено и меко ткиво. На пет пациенти со малигна болест им беше трансплантирано здраво коскено ткиво, со што значтелно им се подобри нивниот квалитет на живот, а денес за прв пат трансплантиравме и мекоткивен графт односно лигамент кај млад пациент со сериозна повреда“, вели д-р Александар Трајановски, директор на Клинината за ТОАРИЛУЦ Скопје, во чиј состав е Клиниката за Ортопедија.