Десеттина лица со попреченост ќе го земат микрофонот во рака и ќе ги покажат своите музички способности на 16-ти февруари во Струмица. Тие ќе бидат придружувани од искусни музичари, членови на музички групи од Струмица и од професори по музичко воспитување.
Настанот ќе се случува во горната сала, во хотел „Вила Парк” со почеток од 18 часот, а пробите за истиот веќе интензивно се одвивале.
-Веќе се пријавија десеттина лица кои заедно со музичарите ги вежбаат песните кои ќе се изведат на гала вечерта. Но, повикот е отворен за сите лица со попреченост од целата земја, кои што сакаат да земат учество и да ја збогатат манифестацијата. Одиме под мотото – Вера, надеж, љубов, музика – и сакаме да покажеме дека сите сме еднакви, дека музиката исто не допира сите, и секако дека и лицата со попреченост можат и сакаат да пеат. Некои ќе настапат со една, некои со две песни, во забавна и опуштена атмосфера се подготвуваат наши и странски хитови – вели Анче Туфекчиева од здружението „Вера”, по чија идеја се организира настанот.
Таа додава дека за сите учесници ќе следат подароци, а настанот е со ревијален, а не со натпреварувачки карактер.
-Награди нема да има, туку симболични подароци за сите. Влезниците се продаваат по цена од 100 денари, со средствата од нив ќе биде обезбедена вечера во хотелот за учесниците. Освен добрата забава, целта на настанот е да покажеме дека нема место за било какви препреки во нашето општество, дека нема место за поделби. Младите кои што се пријавија да учествуваат многу сериозно си ја сфатија работата, ги вежбаат песните, ова е за нив голем предизвик и начин да покажат дека можат. Заслужуваат да им ја дадеме поддршката, да дојдеме во голем број во публика и да ги бодриме, бидејќи ова е само уште еден чекор напред за подобро прифаќање и подобар живот на лицата со попреченост. Да ги вклучиме во секоја сфера на живеењето – ни изјави Туфекчиева.
Вики Клинчарова