До 3-ти мај, скопската Инфективна клиника ќе биде ставена под клуч откако е донесена одлука две недели да се кречи и направи дезинфекција на целата болница после цели две години ковид пандемија.
За првпат во 25-годишната историја на Клиниката за инфективни болести, таа се затвора, лекарите одат на одмор и не се хоспитализираат пациенти.
„Фокус“ располага со документот со потпис од директорката Милена Стевановиќ и организацискиот директор во кој се наведува дека за овој период од две недели клиниката нема да работи со пациенти.
„Соогласно протоколите за работење во здравствени установи, во горенаведениот период ќе бидат преземени активности за генерално и темелно чистење и дезинфекција и дезинсекција на клиниката, медицинската опрема, приборот и мебелот, односно ќе се спроведе целосна и дополнителна ревизија на тековните хигиенско дезинфекциони мерки, кои секојдневно беа спроведувани“, се наведува во документот.
Затоа, пак е донесена одлука, сите ургентни пациенти со ковид 19 да се упатуваат во Градската болница „8 септември.
„По истекот на овој перио, Клиниката ќе продолжи да работи во склад со предметот на работење, како и пред пандемијата, односно со сите инфективни болести кои спаѓаат во наш домен на дејност“, продолжува понатаму во документот.
СМЕЕ ЛИ КЛИНИКА ДА СЕ ЗАТВОРИ ДА НЕ РАБОТИ СО ПАЦИЕНТИ?
„Фокус“ стапи во контакт и со директорката Стевановиќ, која ни потврди дека за сите овие 25 години, клиниката за првпат се затвора за пациенти.
„Ние веќе почнавме со средување на клиниката, со стерилизација на на душеците и јастуците. Се чисти цела опрема и машинерија. Да ги искористиме овие пет минути, поточно тоа што е намален бројот на ковид пациенти за да се среди клиниката.
Лекарите и медицинскиот персонал до 3 мај ќе бидат на одмор, да одморат и психички по се што преживеавме за овие две години. Мораме да бидеме спремни за спетмеври. Не знаеме што може да се случи. Дај боже да остане како сега“, вели директорката Стевановиќ.
Таа тврди дека сите лекари и медицински персонал се тука, ако се потребни како испомош на своите колеги во ГОБ „8 септември“.
Сепак, тоа што останува најасно во целата приказна е дали може една клиника со терцијарна дејност да биде затворена на овој начин и да не работи со пациенти?
Факт е дека во последниот месец бројот на заразени и починати од опасниот вирус опаѓа, но сепак според лекарите не се знае што може да донесе септември.
Досега во земјата се направени вкупно 1.994.836 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 308.516, бројот на оздравени пациенти е 298.251, на починати е 9.261, а бројот на активни случаи изнесува 1.004.
Ирена Мулачка