На седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе бидат интервјуирани пријавените кандидати на огласот за именување на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.
На огласот што го објави Собранието и кој траеше од 22 до 27-ми минатиот месец, според последните информации, биле пријавени околу 60 кандидати.
Интервјуата на кандидатите ќе се пренесуваат директно на Македонската телевизија, а ќе ги водат претставници од Македонската академија на науките и уметностите, Интерпарламентарната унија и здруженија на граѓани што се занимаваат со антикорупција.
Претходно беше избрана седумчлена Комисија за селекција на кандидатите за претседател и за членови на Државната комисија за спречување на корупција. Од редовите на пратениците ја сочинуваат Мухамед Зекири од СДСМ, Атран Груби од ДУИ, Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ и Владанка Авировиќ од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, додека Драги Целевски е номиниран од Народниот правобранител, а Сабина Факиќ и Бесим Небиу како претставници на здруженијата односно фондации назначени за членови во Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор.
Новиот Закон за спречување на корупцијата предвидува за претседател и членови на ДКСК да не може да биде избрано лице кое во последните 10 години било донатор на политичка партија, пратеник или член на Влада. Воедно новите членови мораат да имаат шестгодишно работно искуство во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото и да имаат завршено правни, економски, политиколошки или комуникациски студии.