Со цел да го поттикне склучувањето на бракови на лица постари од 35 години и зголемувањето на наталитетот, Општина Конче на чело со градоначалникот Златко Ристов започна со доделување на ваучери од по 100.000 денари на младоженците.
Од почетокот на годината досега се венчал еден пар повозрасен од 35 години, кој ги исполнувал условите за добивање на 100.000 денари. Освен возраста, потребно било младоженците да живеат најмалку три години во општината, и ова да им биде прв брак.
-На огромно задоволство денеска го врачив првиот ваучер по повод склопен брак.
Општина Конче доделува ваучер во вредност од 100.000 денари, согласно програма за социјална заштита за склучување на брак на лица со возраст над 35 години.
Нека им е со среќа на г-ѓа Снежана Манчева и г-дин Новица Манчев! Нека се вечни и вековити од Бога благословени – објави градоначалникот Ристов.
Исто така, според програмата се предвидуваат и 10.000 денари за прво новороденче, 20.000 за второ и 30.000 денари за трето дете.
Ова не е прв пат во земјава да се применуваат слични мерки за зголемување на наталитетот и стимулирање на колебливите самци да се решат на брак.
Во Неготино до пред пет години се доделуваа по 500 евра за секој маж постар од 40 години кој ќе стапеше во брак. За жените повозрасни од 40 години пак, не следуваше парична помош.
Во Општина Лозово пак, до пред неколку години ергените и момите се мотивираа да стапат во брак со парична помош, ракија и вино.
Имено, општината доделуваше на мажите над 40 и жените над 35 години кои ќе се венчаат по 20.000 денари, како и по 50 литри ракија и 100 литри вино, обезбедени од спонзор.
Тогашниот градоначалник на Лозово, Орце Цветковски изјави дека одлуката едногласно ја поддржале советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи наталитетот бил во опаѓање.
Вики Клинчарова