Нема ниту еден настан на кој полицијата не постапувала и поднела соодветни пријави за секое групирање, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во Собрание. За протестот од петокот кога група граѓани протестираа против барањето на затворски казни за обвинетите од случајот „Монструм“, кога не се почитува мерките за групирање и носење на маски, Спасовски рече дека има и кривични и прекршочни пријави.
– Детално ќе информираме утре или задутре врз основа на тоа што ќе биде сработено, завршено до крај од одделот за насилен криминал и Јавното обвинителство.Така што, никаде и во ниту еден момент нема состојба во која што не се преземаат дејствија и одредени активности, само се прави една проценка за тоа како и на кој начин да ја сочуваме состојбата на едно задоволително ниво и да не настанат поголеми штети, рече Спасовски.
Во Собранието на денешната 30-та седница во попладневиот дел од работата без дискусија и во прво читање поминаа повеќе закони од сферата на одбраната, внатрешни работи, здравство, земјоделство и финасирање. Пратениците по овие закони дополнително ќе гласаат кога ќе се создадат услови за тоа.
Куса расправа имаше само во врска со Предлогот законот за изменување на Законот за полиција, во прво читање.