За приредбата во училиштето во Челопек одговорност ќе има за една од наставничките, рече Јаневска

by Fokus

За приредбата во основното училиште „7 Март“ во тетовско Челопек, каде ученици беа облечени во униформи на Ослободителната народна армија (ОНА) односно УЧК и со пушки во рацете, одговорност ќе понесе една од наставничките, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.

„Записникот од вонредниот надзор е готов, инспекторите утврдиле неправилности поради што одговорност ќе понесе една од наставничките која била организатор на приредбата“, изјави Јаневска и додаде дека директорот на училиштето и градоначалникот ќе бидат информирани за да постапат според закон.

Слични пријави имало и за настани во други училишта во Чаир, Тетово и Струга, а како што рече министерката и таму ќе има контроли од Државниот просветен инспекторат.

„Но она што е поважно, според мене, е дека и во ова училиште и во неколку други училишта каде што имавме пријави за нерегуларности, каде што, чесно ќе кажам не се утврдени нерегуларности, но имало некаков револт, ќе спроведеме обука за соживот, мултукултурализам, мултиетничност, и за тоа ќе побараме поддршка и од ОБСЕ“, изјави Јаневска.

Приредбата во Челопек беше организирана по повод Денот на албанското знаме – 28 ноември, а просветниот инспекторат изврши контрола на 2 декември.

Поврзани новости