За празникот Курбан Бајрам муслимански семејства донираа храна на христијани во Велес: Среќата е поголема кога се дели!

by fokus
Велешанецот Мермет Усеинов и Деко и Изет Идризовиќ од прилепско Житоше, вчера донираа курбан за 40 христијански семејства. Донацијата по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам, односно по неколку килограми свежо месо за 40 христијански семејства, хуманите луѓе ја однеле во Велес, кај хуманитарката Ленче Здравкин.
Од таму, граѓанската хуманитарна организација „Хаус оф хоуп – Ленче Здравкин“ ја разделила на семејствата. Според Усеинов, гестот бил во име на пријателството и соживотот.
-Нашата вера налага да не правиме разлика на верска основа, помеѓу муслимани и христијани. Сакаме на сечија трпеза за време на одбележувањето на Курбан Бајрам да има и месо. Во знак на нашата соработка со хуманитарката Ленче Здравкин, ние од се срце ја подаруваме донацијата – порача тој.
Чест обичај за време на верските празници кои ги празнуваат граѓаните од муслиманска вероисповед е да се споделува, односно да се донира храна на посиромашните граѓани, со цел и тие да можат достоинствено да го поминат празникот.
Верските празници кај христијаните и муслиманите имаат слични обележја – поклонување, побожност, духовност и великодушност. Тие се мотив повеќе да се разбуди солидарноста и да се извршуваат добри дела.
И покрај тоа, во изминативе години, посебно за време на големите христијански празници Прочка, Велигден и Божиќ, човечката лакомост провладува над овие празнични обележја, па традиционално, пред празниците, трговците ги зголемуваат цените на зеленчукот, овошјето и други намирници, за да по нивно завршување повторно ги вратат на старо.
Хуманитарката Ленче Здравкин ни изјави дека е трогната од хуманиот гест. Вели дека на настанот од вчера гледа како на голем празник, бидејќи освен пораката за солидарност, ја пренел и пораката дека сите луѓе се исти и не смее да има поделби по никоја основа.
-Во Велес не се случил сличен настан во минатото, колку што знам. Луѓето сакаа да усреќат што е можно повеќе семејства со донацијата, да го споделат празничниот дух со оние на кои им е потребна поддршка. Кај мене се собра многу народ, месото го исековме, го спакувавме, го разделиме. Сите помагаа, работеа сложно. Мене целиот настан ми беше еден голем празник, среќна сум кога човечката добрина и хуманост преовладуваат во животот. Нема место за различности, сите ние сме луѓе, а среќата секогаш е поголема кога ќе се подели – изјави за „Фокус” хуманитарката.
Вики Клинчарова

Поврзани новости