Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година-истакна во понеделникот премиерот Димитар Ковачевски пред околу 500 претставници на деловната заедница корисници на поддршката од Владата, за нови инвестиции, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Порача дека и во услови на криза Буџетот е стабилен, се зачуваа работните места, се задржа ликвидноста на компаниите, а поддршката на државата не изостана.
Исто така, Ковачевски нагласи дека платите растат, се намалува невработеноста, а растат и инвестициите. Сето тоа, како што рече, е резултат на стратешката определба на државата, влезот во НАТО и евроинтегративниот процес, кој во иднина ќе го забрза економскиот раст.
Околу придобивките од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, „Фокус“ разговараше со Трајан Ангеловски, претседател на Сојузот на стопански комори. Тој вели дека секоја државна помош за компаниите е за поздрав, но сепак за да се има вистински напредок, мора да се инвестира и да се поработи и на други компоненти.
-Секоја финснсиска помош е добредојдена и е за поздрав. Но, ова е само една компонента од потребните за успешен развој. Ние континуирано апелираме за развој на инфраструктурата, потребни се автопати, железници, непречено поврзување…
Значи, главната замерка ни е за инфраструктурата.
Исто така, потребно е скратување на бирократските процедури, како и можности за инвестирање, за изградба на деловни објекти, да им се олесни на потенцијалните инвеститори и да не се одолговлекува – посочува Ангеловски.
Според Ковачевски, Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржала 919 компании со 100 милиони евра.
Вики Клинчарова