За половина милион евра филмска продукција ќе ги организира прославите за најголемите државни празници

by fokus

Друштво за филмска продукција, дистрибуција, маркетинг, трговија и услуги СКОПЈЕ ФИЛМ СТУДИО го доби тендерот за организација на прославите на најголемите државни празници за 2023 година, како и за организарање на настан од Отворен Балкан.

Според електронскиот систем за јавни набавки, Генералниот секретаријат на Владата на 11-ти јули го склучил договорот кој е со вредност од 575.000 евра, а кој се однесува на организирање на прославите за:

2 Август – Денот на Републиката,

8 Септември – Денот на независноста,

11 Октомври – Денот на народното востание и

8 Декември – Ден на Св. Климент Охридски. 

Освен прослави за празниците, како втор дел од јавната набавка е и организирање на настан за иницијативата Отворен Балкан. 

На тендерот пристигнала само една понуда, што значи дека „Скопје филм студио“ немало конкуренција на оваа јавна набавка.  Управител на студиото е филмскиот продуцент Томи Салковски, кој е и генерален секретар на Друштвото на филмски работници кое во еден дел се финансира од државната Агенција за филм.

Не е прв пат „Скопје филм студио“ да добива тендери за организација на прослави за државни празници. Во мај годинава, истото студио ја доби организацијата на прославата за Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во вредност од 132.000 евра, а лани доби тендер за „Услуги за креативна, продукциска, техничка и организациска поддршка за реализација на настан за одбележување на Денот на независноста на Република Северна Македонија, 8 Септември“ во вредност од 57.000 евра.

К.С.Б.

Поврзани новости