Во периодот од 2010 до 2018 година јавното претпријатие Комуналец од Кавадарци има поднесено дури 17.095 тужби кон граѓаните по основ на застарен долг.
Долгот од граѓаните бил 109 милиони денари, а по утужувањето бил платен половина од долгот. На вчерашната седница на кавадаречкиот совет беше донесено решение сите граѓани кои имаат долг кон ЈП Комуналец за сметки за вода и комуналии, ќе бидат ослободени од плаќање камата и нотарски трошоци. Исто така ќе им се овозможи долгот да го платат до 20 рати.
-По основ на нотарски трошоци граѓаните треба да платат 11 милиони денари. Бидејќи тоа е голем проблем, ја носиме оваа одлука. Ќе се ослободат од камата и нотарски трошоци. Ќе им биде понуден договор за плаќање на долгот до 20 рати, но задолжително ќе треба да се плаќаат и новите сметки – информираше градоначалникот Митко Јанчев.
Вики Клинчарова