На Босна и Херцеговина не и се заканува нова војна, но политичката криза во земјата е загрижувачка и бара итен дијалог и соработка за да се излезе од неа, оцени денеска високиот претставник на меѓународата заедница за БиХ, Кристијан Шмит.
Германскиот дипломат во изјава за медиумите во Сараево рече дека засиленото присуство на ЕУФОР во земјата јасно ја покажува одлучноста на меѓународната заедница да спречи какви било обиди за нарушување на безбедноста во БиХ, како и оти никој не би требало таквата решителност да ја доведе во прашање, дури ниту оние што би сакале да предизвикуваат инциденти.
„Околу опстанокот на БиХ не може да се преговара“, истакна тој.
Руската агресија врз Украина, како што рече, е силно предупредување на потребата од превентивно делување за правовремено спречување можни нови судири во Западен Балкан, односно БиХ, затоа на ЕУФОР му е испратено засилување, така што за безбедноста во земјата сега се агажирани повеќе од 1.100 војници во составот на мисијата „Алтеа“.
„Овде нема војна, но постои тешка политичка криза. Во опис на работните задачите на политичарите е обврската да доаѓаат на работа и да работаат. Оттаму и пораката до Милорад Додик да почне да работи и да ги тргне блокадите, а тоа ќе се случи не кога ќе се дојде на пет минути, туку кога ќе се работи на донесување одлуки, рече Шмит.