За одбраната на Марјан Доказ текстовите се „навреди и клевети“, не кривични дела

by Fokus

Текстовите што ги објавувал сопственикот на порталот „Доказ.мк“, Марјан Стаменковски за одбраната се чиста навреда и клевета, односно вербални деликти, а не кривични дела за кои беше осуден утрово на единствена затворска казна од три години и еден месец.

При изрекувањето на пресудата судијката Марија Клетничка кажа дека одбраната на Стаменковски кој рекол дека не се чувствува виновен за она што му се става на товар, се темелела на тоа дека дејствијата биле вербален деликт, клевета или навреда, а текстовите што ги пишувал ги преземал од други портали и ги реобјавувал. Тоа го кажа и неговата адвокатка, Марија Најдова Петрезанова по изрекувањето на пресудата дека има само елементи на чисти навреди и клевети.

За нив ова не е конечна пресуда и ќе поднесат жалба.

-Ова не е конечна пресуда. Сметаме дека е изречена висока казна за дела за кои во текот на целокупната постапка како одбрана наведувавме дека нема елементи на истите, дека не се исполнети законските битија, изјави Петрезанова.

Според одбраната, оштетените не пратиле ниту демант на објавеното ниту пак повеле постапки пред граѓанскиот суд за навреда и клевета. На посочување на „Фокус“ дека една од новинарките за која беше пишувано на порталот поведе постапка до Граѓанскиот суд и го тужеше Стаменковски за навреда и клевета, но не можеше да наплати отштета бидејќи немал тој немал транскациска сметка, адвокатката одговори дека тоа било друга новинарка, а не новинарките кои се оштетени во оваа постапка.

На прашањето од новинарите како се чувствувала кога ги слушала насловите на текстовите кои се читаа во судница, адвокатката рече дека во судница таа е професионалец, но доколку се случело таа да биде на место на жртвите, ќе ги преземела сите законски мерки кои и стојат на располагање.

-Седната сум на клупа заедно со обвинетиот како негов бранител, адвокат. Затоа сум и таму, за вршење професионално на оваа работа. Се слушаа, како искази на сведоци и репродуцирање на насловите, но она што ќе повторам во однос на истите е дека постојат елементи на чисти навреди и клевети за кои од страна на оштетените не беа поднесе соодветни граѓански постапки до ден денеска, рече адвокатката.

Другиот адвокат на Стаменковски, Коста Најков не се појави да ја слушне пресудата, а јавноста можеше да ги слушне и насловите на текстовите што ги пишувал за оштетените, но и дека од дел од нив барал пари за да не се објават компромитирачки содржини за нив.

Сопственикот на порталот денеска беше огласен за виновен за пет кривични дела: две дела за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци. За првите четири кривични дела доби по една година затворска казна, а за злоупотреба на личните податоци доби парична казна од 5000 евра.

Според законските рамки, затворската казна за уцена се движи од три месеци до пет години затвор, за пиратерија на аудиовизулно дело се движи по шест месеци до три години затвор, за ширење на ксенофобичен материјал од една до пет години затвор, а додека за злоупотреба на личните податоци може да биде од парична казна до една година затвор.

Исто така Стаменковски доби и забрана во наредните 10 години да регистрира домен за интернет-портал во земјава, а досегашните што мсе регистритеани му се укинуваат.

Тој беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости