За нештата да станат појасни: „Фокус“ се продава…ама низ трафиките!

by Fokus

Пишува: Јадранка КОСТОВА

Има еден занимлив „мејд ин Маседонија“ феномен. Ќе се објават документи кои „смрдат“ на корупција, ќе се обнародат аудио снимки од кои се слуша договарање на провизија, ќе бидат објавени видео снимки како со сила се исфрлаат пратеници од парламетот, дури и ќе следите во живо пренос од крвавиот четрвток, а дел од народецот ќе си живее во филмот дека тоа се „сечени и лепени“ материјали, местенки со помош на странски служби, патриотски дешаванки.

Е истава сорта граѓани слепо ќе поверува ако било која будалетинка срочи една клеветничка дума против замислениот непријател без никакви докази за тоа. Децениската пералница на мозоци едноставно дала одлични резултати. Затоа и сите имаат цврст став за Договорот со Грција, иако само 3 проценти го прочитале. Останатите се информирале од  „социјалните мрежи,роднини и пријатели“!

Ќе ги земам како илустрација одредени шлапатерања за „Фокус“. Деновиве бевме шашардисани во редакцијата од зголемениот интерес на пријателите дали неделникот е продаден! Обично одговарав- да „Фокус“ се продава, ама низ трафиките. Купувачи се нашите читатели. Арно ама, ме просветлија дека „веста“, авторство на Миленко Неделковски, била дека „Енвер Малиќи и Боки 13 го купиле Фокус“. Боже, која дилајла!?

Ете, една реченица од ваков егземплар добила такви димензии! Она што особено згрозува е што горенаведениот уште допишал, внимавајте: „Никола Младенов се превртува во гроб“! Бре, кој се насекирал за имиџот на Никола!? А за имиџот на Миленко ќе наведам неколку вакви негови „ексклузивки“ токму за Никола и за Фокус.

Кон крајот на 2011 година, кога стартуваше дневниот Фокус, истиов „истражувач“ разоткри невидена криминална мрежа за весникот на Младенов. Море парите за дневен Фокус доаѓале преку банка во Крит, ама биле под опсервација на „меѓународните власти што се борат против перење пари“. Па споменуваше „пари на црно. Поминаа 7 години, а од овие миленикови рекла-казала „откритија“, нели „под опсервација на меѓународните власти“, не бидна ништо.

Пред приближно две години, следува чичка нова верзија. „Фокус“ го купил Вицето, па оние што се информираат „од социјалните мрежи, роднини и пријатели“, гуслаа за неделникот во сопственост на кланот Заеви. И пази сега, најновата „вест“ е дека „Фокус“ го купил Малиќи и Боки! Ако сакате логично да ги следите мисловните акробации на Миленко, тогаш Вице Заев им го продал Фокус на нови газди! Ама изгледа Вицето е во ред што го „купи“ весникот, бидејќи тогаш не спомена авторот ништо за гробот на Никола!

И до следната „купо-продажба“ на Фокус, која, кај да е, гарант ќе ја открие истиов извор, ќе се обидам да најдам барем еден детал што можеби ги подгрева да растат ваквите небулози потквасени со квасецот “миленковача“. Брендот „Фокус“ и фирмата што го издава неделникот се веќе 5 години без промена во сопственоста. Единствена новина е што јас прифатив еднаш неделно, секој петок, да бидам дел од програмата на 1ТВ. Мојот ангажман во Фокус останува ист. Енде!

Но, за сиве овие 5 години, оние што го оцрнуваа во живот Никола Младенов, сега кога Фокус продолжи без него, редовно ни држат лекции во стилот „се превртува во гроб“ или „ова Никола не би го дозволил“. Перверзија до балчак. На пример, некој наслов ни е провокативен, па некогашна колумниста демек се срамела, иако токму таквите наслови беа специјалност на Никола. Ги имаше и кога таа пишуваше. Срам ми е и мене да и го споменам името.

Или, „Никола ќе беше за строга забрана на пушење по кафеани“, упорно ме убедуваше една особа, како аргумент дека сум застранила затоа што се залагав за либерализација. И ги ставивме на портал двата уводника на Младенов токму против „забраната“. Не дека сме имале секогаш исти ставови, но поентата ми е во намножените пријатели на Никола кои, демек, подобро го познаваат од нас што работевме заедно.

И најновата злоупотреба ја прочитав на твитер. Познатата мисла на Никола, што стои и во неделникот како наша идеја водилка, „Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина од безрбетници. И тука нема копромис“, некој ја ставил како паролата БОЈКОТИРАМ! Друг коментираше „жмровците го цитираат Младенов! што дочекавме у.п.м.“ Но, многу поважно е дека тој сигурно ќе беше против бојкотот. Треба само да ги препрочитаат неговите уводници, а тие најчесто беа за нашата европска иднина и преговорите со Грција.

Се на се, сакав да им појаснам на нашите читатели за „нештата да им бидат појасни“. Оние, пак,  што „не нѐ читаат, ама виделе наслов случајно на трафика“ или го обожуваат тестото замесено со „миленковача“ можат да си продолжат со некрофилските коментари за „Фокус“ и Никола. Толку им сече, едноставно! И секако, не ми беше намерата да полемизирам со такви креатури. Оти, што би рекол Бернард Шо: „Не се борете со свиња. Двајцата ќе се извалкате, но свињата ќе ужива во калта!

 

Поврзани новости