За народот и за лидерот

by lali

„Eвропа се распаѓа“ – одѕвонуваат прво пораките од медиумите во главите на нашиот просечен човек, како камбани во село пред погреб. Потем се надоврзуваат информации за идните покачувања на пензиите, за простувањето сметки на загрозените, за бесплатни автобуски превози и пофалби на сметка на владата – нашиот најголем работодавец и спасител. Да посакаш да живееш во земјава, каде што власта води сметка за секој граѓанин одделно, ако е добар и послушен. Фалбите за лидерскиот тим и за неговите успеси станаа толку силни и победнички, што покрај слепилото, како наша историска „карма“, стануваме и глуви како топ.

Послушноста што децата ја покажуваат кон својот родител, „кој прави сѐ за нив“, е чувство што е најблизу до она што го има мнозинството кон лидерот. Простува долгови, дава субвенции, обезбедува 8.000 денари минималец, се грижи за здравјето на народот, гради, качува пензии, дели бесплатни превози.

МЕСЕН-ОБЕСЕН САМО КАЈ НАС, НА ЗАПАД, ПЕКОЛ!

Но, не се сите деца исти. Некои се непослушни. Ги собираат парталите, ги забораваат минималците од родителите, пензиите од дедовците и бесплатните автобуски билети и одат во белиот свет.

И таму, каде што само уште сонцето гратис изгрева, замислете, тие се наоѓаат себеси – разбираат кои се и колку тежат. Таму долговите не се простуваат, оти ќе мораш сам да се помачиш тоа да го сториш. Таму лидерите се реални и не прават сѐ за граѓаните. Тие се отворени кон и за светот, го „мачат“ народот, давајќи му избор да одлучува сам за себе и за својата иднина. Било многу тешко на Запад – велат – пекол било, а не како кај нас, месен-обесен!

Споредбата на родителите и децата со лидерите и народот не е воопшто случајна. Апсурдно е да очекуваме во една традиционално-патријархална заедница да имаме поинакви политичари. Тие не би нѐ претставувале нас, исто онака како што ни барокот не ја претставува нашата традиција. Апсурдно е и да се очекуваат светски докажани критериуми за живот, освен оние, смислени од лидерот и од неговиот маркетиншки тим, специјално за нас.

Ние имаме домашни критериуми и не ни требаат компаси од Запад. Зашто секое доближување до докажаните вредности отвора врата на нови и непознати предизвици, а со тоа се отвора умот и се изоструваат вкусовите. Потем, кај човекот се јавува потреба од менување и усовршување, што не е добро за лидерот, чија цел е да биде вечен!

Тоа што сме мала држава, со една рака народ, е многу лошо и многу добро. Лошо − зашто лесно се манипулира и се влече за нос. Добро − зашто секоја нова и поразлична мисла може бргу да допре до секого. Замислете да имавме лидер кој е отворен кон светот, со чесен карактер и интегритет. Човек кој умее мудро и одважно да зборува за најгорливите проблеми на државата рамо до рамо со светските лидери, без никого да понижува и навредува, посочува за виновник. Човек што знае точно кога, кому и колку емоција да му упати, а кога да молчи и слуша и да ги држи чувствата за себе.

ДОАЃА ВРЕМЕ НА ОДЉУБУВАЊЕ

Но, и човек што не може да ја скрие емоцијата и непоколебливоста кога се работи за тешка неправда или несреќа нанесена врз неговиот народ и земја без таа да ги наруши неговите мисли и одлуки и да ги испогани неговиот ум и јазик!? Човек што го гледа, негува и почитува потенцијалот на народот. Таков лидер тешко се наоѓа на овие простори. Но, и обичниот човек овде е снаодлив, пресметлив, превртлив, често и мрзелив и користољубив и, како таков, не може да го препознае, посака и избере − различното од себе!

Не знам што е подобро ниту за лидерот? Да му се плашат или да го обожаваат?! Или и првото и другото. Но, таквата „љубовна врска“ не може долго да трае. Таа е како брак меѓу богат старец и млада девојка. Тој само ја купува, но никогаш нема да ја поседува! Купената љубов е купена и не се споделува „и во добро и во зло“. Таа важи до моментот додека власта е главниот работодавец во земјата и дели плати и пензии и одржува социјален мир. Но, дали тој принцип на владеење ќе опстои и по нејзиниот пад? Што ако касата е празна тогаш? Како тогаш народот ќе го „засака“ својот нов лидер со празен џеб?

Доаѓа време на одљубување, време на засукување ракави и чесна работа, како што и му доликува на способен народ, за да може сам да си ги плаќа сметките и автобуските билети, а не да моли и да чека милостина и спас од државните јасли. Време во кое ќе мора да се прогледа и прослуша, за да може да се види, чуе и посака новиот лидер, кој ќе биде обичен човек, со кого заедно ќе мислиме, ќе работиме и ќе се залагаме за  задутре да ни биде подобро.

Поврзани новости