Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека проблемот со набавката на лекот „трифакта“ го наследил, а не прецизираше кога најдоцна би стигнал лекот и за останатите пациенти што го чекаат. Тој на укажувањето дека Асоцијацијата за цистична фиброза и за најавите за протести кратко одговори – „Не зависи сѐ од нас“.
„Има законски процедури и тендери и не можам да прејудицирам со законски рок. Тоа е и неблагодарно. Сакаме што побрзо да го решиме тој проблем и од денот кога станав министер секој ден се занимавам со тој проблем. Формираме точни процедури и протоколи, секој ден разговараме и за местото каде ќе бидат згрижени најдобро пациентите со цистична фиброза за тоа да биде подолготрајно, ефективно и поквалитетно. Тоа е посензибилен проблем и не стоиме со скрстени раце. Правиме се за и другите пациенти што побрзо да го добијат лекот и еднаш засекогаш да го решиме тој проблем. Пациентите да добијат иноватвен лек, а потоа компетентните во стручната комисија да одлучат кој е најзагрозен пациент за да прими терапија“ – рече министерот Меџити по презентација на платформата „Е-здравство“.
Општо, за проблемите кои се јавуваат во здравството тој побара помош и од медиумите.
„Ве повикувам секој пат, многу сум отворен и транспаретен, дајте да ги решиме проблемите. Дали има проблеми? Има милион проблеми. Затоа сум тука, со екипата, вие заедно и целото население. Сите знаат дека има милион проблеми во здравството. Дајте еднаш засекогаш да почнете еден по еден да ги решиме“ – кажа Меџити