Авторските хонорари за 40-тина музичари кои настапија на владината прослава во саботата, ја чинеле државата вкупно 75.500 евра. Од Владата појаснуваат дека во секој договор е наведено дека ангажманот е за „прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО“ со наслов “Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ”, што значи дека авторите знаеле на што ќе настапат.
Во врска со музичарите кои го откажаа својот настап, од Владата додаваат дека административната процедура со нив ќе се заврши по пат на спогодба.
Владата денеска ја објави вкупната сума за реализација на настаните, разложена по ставки опфаќа:
1. Ангажман на 40-тина домашни изведувачи утврден со засебни авторски договори со секој од нив и вкупно за сите, во сите 15 градови и настапи на домашните изведувачи чини 75.500 евра.
2. Сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлување за 15 настани се реализирани од страна на компанија со којашто Владата на Република Македонија има склучено договор, врз основа на тендер и спроведена јавна набавка, којашто тековно врши услуги за изнајмување и ракување со опрема за аудио и видео поддршка на настани во надворешен простор за потребите на државните институции.
Вкупната сума за сите трошоци за сцени и сценска опрема, за сите 15 места низ градовите односно за сите 15 настани, чини 49.000 евра или околу 3.200 евра по град.
3. Сите останати потреби и услуги за организација на настаните, што подразбира обезбедувањето на соодветна логистика, 150 редари, технички персонал, заштитни огради, 15 шатори, 15 гитарски засилувачи на звук и клавијатури, транспорт на опрема и технички персонал, чини вкупно, за сите 15 настани во градовите 35.000 евра или околу 2.300 евра по град.
За оваа ставка, преку соодветни законски постапки се спроведе тендер со три понуди за избор на најповолен понудувач, по што преку критериум најниска цена, избрана е компанија која ги реализираше услугите за организација на настаните.
4. Ангажман на лица за авторски труд за креативен концепт и реализација на промотивна кампања на социјални мрежи, графички решенија, видео продукција, визуелизации на бините и постпродукција со вкупен износ од 20,000 евра или околу 1.300 евра по град.
Прославата ја поддржаа и локалните самоуправи, со организациска и логистичка помош.
Од Владата посочуваат дека пренос на МРТВ не се реализираше бидејќи авторските договори со изведувачите не вклучуваа регулирање на авторски права за пренос во живо на национални телевизии и со цел да не се издвојува посебно ниту еден од 15 настани и 40 изведувачи ширум државата.
„Владата на Република Македонија изразува задоволство што граѓаните го прославија успехот на Македонија и се заблагодарува до сите вклучени страни кои ja поддржаа организација на настаните. Граѓаните од целата земја излегоа слободно и прославија, на 15 настани кои обединуваат и со тоа ја поддржаа Македонија која се обединува и која оди во НАТО и ЕУ. Владата на Република Македонија ги повикува сите граѓани, политички партии и заедници слободно да ги изразуваат своите мислења и ставови, да застанат во поддршка на евроатлантските интеграции на земјата и да го осудат говорот на омраза против кој било граѓанин во Македонија“, додаваат од таму.