Премиерот Христијан Мицкоски смета дека предвремени парламентарни избори логично е да има само доколку Владата биде поразена на локалните избори следната година. Toj додава дека опозициските партии ќе имаат време да се реструктуираат кадровски и програмски да се освежат.
„Ние сме фокусирани на развој на државата. За девет месеци од денеска ќе имаме кампања за локални избори на кои граѓаните ќе можат да го кажат својот збор. Доколку граѓаните ја поразат оваа Влада на локалните избори логично е да има предвремени парламентарни избори после тоа. Но, доколку оваа Влада ги порази опозициските политички партии на локалните избори тогаш очекуваме конечно да се посветат на самите себе, да се реструктуираат кадровски и програмски да се освежат и да може на следните парламентарни редовни избори да излезат со нова програма и нови кадровски решенија“, рече Мицкоски.
Ставот на Мицкоски околу предвремените парламентарни избори доаѓа откако денеска опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) преку писмено соопштение излезе со вакви барања за кои, како што велат од партијата на Али Ахмети, се единствениот излез за спас на европската иднина на земјата.
Мицкоски прашан за коментар околу изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за одлуката на Уставниот суд, рече дека Владата нема да дозволи дефокусирање на јавноста со обидот „да свртат тема што генерално ќе има за цел да го поларизира населението по можност етнички“.
„Стигаат потврдите за криминалното однесување на оваа политичка структура и гарнитура во изминативе 20-тина години. Многу случаи се работат поврзани со високи поранешни функционери на ДУИ и јавноста многу скоро ќе види кој е во суштина вистинскиот мотив на актуелното раководство на партијата, дека најмалку се грижат за тоа за што требало да се грижат. Повеќе се грижат да го заштитат оној капитал за кој постои основано сомневање дека е криминално стекнат“ – рече Мицкоски.