За Мицкоски единствено решение се изборите – ги искритикува и меѓународната заедница и ЕУ и вели дека ниту тие нема да го премислат

by fokus

Изборите се единствено решение, нема цена по која би ги прифатиле овие уставни измени под бугарски диктат и не треба да се троши време ниту секунда повеќе на ова прашање, изјави на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако на вчерашната седница беше одложено гласањето за обезбедување на двотретинско мнозинство за вметнување на Бугарите во Уставот.

– Многу пати сме зборувале, многу пати сме го кажале нашиот предлог, многу пати сме зборувале за нашите црвени линии. Во овој момент зборуваме за час поскоро одржување на предвремени парламентарни избори. Веќе нема ништо на маса, одговори Мицкоски на новинарско прашање – што доколку ВМРО-ДПМНЕ хипотетички победи на изборите и кој би бил излезот од оваа ситуација.

Тој порача дека нема да го промени ставот ниту под притисок на меѓународната заедница.

-Слушам дека од власта си се тешат и си прават математики дека вратата за уставни измени ја оставиле отворена преку намерното не завршување на седницата, и дека меѓународната заедница сега би притиснале иако немојте да мислите дека изминатите повеќе од година дена читавме поезија на тие состаноци, наспроти јасната волја на народот и би извршиле некаков си упад во демократијата, со притисоци, закани, уцени и разни други форми.

Да бидам искрен сега веќе не верувам на таквите сценарија, иако на многу такви средби сум бил сведок и учесник, но резултатот го видовте во текот на вчерашниот ден, рече тој.

Коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека уставните измени не се под бугарски диктат, туку по македонски предлог, рече дека таа изјава е губитничка и оти не е политичка теза.

– Предавничка и губитничка е таа изјава. Тоа не е политичка теза. Тоа е теза на поразен политичар којшто го гледа крајот на својата политичка кариера. Ако беше македонски предлог тогаш ќе излезеше пред граѓаните на избори со тој предлог или ќе излезеше на референдум и македонските граѓани ќе го дадеа легитимитетот за тој предлог. А тој што направи? Криејќи го предлогот од опозицијата шверцерски, тајно, бидејќи така и беше поставен, имплантиран беше таму, вештачки поставен, договори и стави потпис за нешто што од самиот почеток беше јасно дека македонските граѓани не го поддржуваат. Така што, нема право тој човек да зборува за македонски предлог. Македонски предлог давате вие граѓаните. Вие сте суверен на тој предлог, а не Димитар Ковачевски и Стево Пендаровски. Тоа е губитнички и тоа е предавнички предлог којшто ќе ги следи целиот нивен живот – рече Мицкоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ не можат да останат отсутни од реалноста и оти јасно го гледаат проблемот.

– Ние не можеме како ВМРО-ДПМНЕ да се правиме отсутни од реалноста. Ние не сме опозиција во опозицијата. Ние сме опозиција во Македонија којашто е македонски проект, проект којшто има за цел да ги штити интересите на македонските граѓани и така и се однесуваме. И ние јасно го гледаме проблемот во којшто македонскиот народ, граѓаните на Македонија, но и самата Македонија овие политичари како Ковачевски и Пендаровски ја втурнаа и тој проблем е на маса. Апсолутно ги слушаме пораките од нашите партнери од меѓународната заедница, апсолутно ги слушаме пораките од нашите партнери од ЕУ, но исто така зашто ние се најдовме во оваа ситуација, имаат и тие вина. Зошто имаат вина? Затоа што кога го договараа ова со оваа Влада на СДСМ и ДУИ или на ДУИ и СДСМ како сакате, тие не најдоа за сходно да се обратат до ВМРО-ДПМНЕ и да го консултираат ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ како мнозинска убедливо најголема етничка заедница во оваа своја единствена држава – посочи Мицкоски.

Според Мицкоски, Бугарија најмалку што може да направи е да ги имплементира пресудите од Стразбур.

– Ако вие навистина сакате Бугарите да ги видите во Преамбулата, внимавам што зборувам – во Преамбулата дел од бугарскиот народ којшто живее во Македонија – дел од македонската нација во Преамбулата, оние 762 коишто рекле дека бугарскиот им е мајчин јазик, тогаш најмалку што можете е барем три од оние 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права да побарате од Бугарија да ги имплементира, коишто се задолжителни и имаат краен рок оваа есен да бидат имплементирани. Дали бараме многу? Не бараме. Ова е моментот и самата ЕУ да ја исправи грешката во којашто ја втурна Македонија – оцени Мицкоски на прес-конференцијата.

Поврзани новости