Александар Пандов, претседател на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ ќе добие тужба за клевета од страна на Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци и поранешен претседател на ВМРО ДПМНЕ, доколку не му се извини јавно за сторена навреда и доколку јавно не ги повлече наводите за кои Јанчев тврди дека се клеветнички.
Имено, во барањето за јавно извинување, градоначалникот појаснува дека за време на гостување на Пандов во национална телевизија, со намера да го омаловажи, понижувачки го ословувал со Мите Лимунада.
-Моето ословување со Мите Лимунада е сторено единствено со намера да ме омаловажи, и да и наштети на мојата чест и углед, да го наруши мојот авторитет во општеството и средината во која живеам и работам. Свесен сум дека како јавна личност во демократско општество треба да бидам потолерантен кон јавни критики насочени кон мене, за начинот на моето работење и дејствување во политиката, но оваа омаловажувачка изјава ги надмина границите на сериозна критика – појаснува градоначалникот.
Исто така, тој појаснува дека истиот ден, на истата телевизија Пандов излегол и со клеветнички наод дека премногу било јасно дека Јанчев безмалку си ја имал купено градоначалничката функција во Кавадарци.
-Општо познат факт е дека јас сум избран на позицијата градоначалник на Општина Кавадарци како кандидат на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ на фер и демократски избори, организирани и спроведени според Уставот и законите. Функцијата ја извршувам чесно и со забележителен успех. Наводите на Пандов се неточни, омаловажувачки, злонамерни и тенденциозни, мотивирани од неговата желба и потреба да и наштети на мојата чест и углед. Доколку јавно не ми се извини, како што е тоа предвидено со Закон за граѓанска одговорност, ќе бидам принуден заштитата на правата и оштетното побарување да ги барам по судски пат – ни изјави Јанчев.
Вики Клинчарова