Иако ДУИ освои околу 30 илјади гласови и 4 пратеници повеќе, сепак, треба да се посочи дека на овие избори настапи со широк фронт од 9 партии кои претставуваат 4 етнички заедници. Па, ако се земе предвид изборниот резултат во петтата изборна единица, каде што огромно влијание има Села, како и учинокот на Иљас и Дудуш на последните локални избори, јасно произлегува дека придонесот на „помалите“ албански и неалбански партнери на Ахмети во Европскиот фронт е голем, па дури можеби и клучен за предноста пред ВЛЕН. Патем речено, ДУИ самостојно на претходните парламентарни избори пред 4 години освои помалку гласови отколку што освои ВЛЕН на овие избори.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Во една либерална демократија, власта се конституира преку волјата на мнозинството. Преку фер и праведен изборен процес, граѓаните всушност ги избираат своите претставници, кои потоа (треба да) ги застапуваат нивните интереси, и тоа не само на тие што ги поддржале (мнозинството), туку на сите граѓани, афирмирајќи ги нивните права и слободи. Притоа, мнозинската изборна волја не значи дозвола за бескомпромисно владеење, туку подразбира управување на институциите преку почитување на законот и процедурите (правна држава).
Оттука, уставно-правното уредување и политичкиот систем на секоја модерна демократија се темели на волјата на мнозинството, која се изразува на избори, но и на други форми на непосредно граѓанско изразување. Впрочем, во целиот напреден свет се одржуваат избори, на кои мнозинство граѓани избираат претседател на државата, додека извршна влада се формира од страна на партии и коалиции, кои мора да претставуваат мнозинство гласачи. Дури, избори се одржуваат и во автократски режими, но таму станува збор за церемонијален процес, кога победникот е однапред познат.
Така, и кај нас на двојните избори гласачите, односно мнозинство од нив ја избраа Гордана Силјановска-Давкова за нов претседател на државата. На парламентарните избори, пак, ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски освои најголем број пратеници – 58, кои, сепак, не се мнозинство од вкупниот број од 120 пратеници. Затоа, идниот мандатар води преговори за формирање парламентарно мнозинство со други партии и пратеници, со цел да стигне до мнозинство од најмалку 61 пратеник на кое би се потпирало владата. Тоа значи дека мора да обезбеди макар 3 пратеници плус, со цел таа влада да рефлектира мнозинство од гласачите или пратениците.
Кога ќе се погледне од формално-правен аспект или низ призма на легалитетот, власта ја формира оној мандатар што ќе успее да стигне до математичко мнозинство, без оглед дали тој ќе биде лидерот на коалицијата што освоила или не освоила најмногу гласови, преточени во пратенички мандати. Арно ама, гледано од политички аспект или од страна на легитимитетот, секогаш се оспорува и проблематизира ситуација или разврска кога победничката партија/коалиција останува во опозиција поради политички комбинаторики, а на власт доаѓаат поразени субјекти поради нивната умешност и вештина да постигнат политички договор за коалицирање.
И земјава не била исклучок од вакви постизборни дебати и полемики, кога власта сосема легално ќе ја формираат партии што стигнале до магичната бројка од 61, но победникот бил истуркан во опозиција. За потсетување, тоа се случи во 2016 година, кога ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски не успеа да формира влада, иако на изборите освои најмногу пратеници. Но, кога се говори за легитимитетот при претставувањето на граѓаните во институциите, не се говори само во контекст на бајпасирање на победничката партија од власта, туку и за елиминирање на „помалиот брат“.
Имено, Македонија е мултиетничка држава, во која, покрај Македонците, во значителен процент се застапени и други етнички заедници, меѓу кои најбројни се Албанците. Затоа, по Рамковниот договор, кој беше инкорпориран во Уставот, се воведоа елементи и на т.н. консоцијална демократија, што, на пример, се согледува по Бадентерот – мнозинство на „помалите“ етнички заедници за закони што ги тангираат меѓуетничките односи. Па, сме имале случаи кога и албанскиот субјект што победил во, условно кажано, албанскиот табор или меѓу гласачите-Албанци тврди дека мора да биде дел од владата, ако сака таа влада да се се прокламира за легитимна.
Инаку, тоа беше случај во 2006 година, кога ДУИ остана во опозиција, иако победи во албанскиот кампус, а во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ влезе ДПА. Тогаш, ДУИ ја напаѓаше владата дека е нелегитимна и дека не ги претставува интересите на мнозинството Албанци, што на крај резултираше со Мајскиот договор, кој го воспостави принципот „победник со победник“. Поточно, ова правило предвидуваше владата да ја формираат победниците во македонскиот и во албанскиот блок, што не е типично однесување за една унитарна демократска држава, во која клучниот збор треба да го има мнозинството (едно мнозинство, а не збир на две мнозинства), се разбира, почитувајќи ги малцинствата – и политичкото и етничкото малцинство.
Сега на повидок е слична ситуација. ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ги привршуваат преговорите за формирање нова влада, во која треба да влезе и ЗНАМ, а се најавува и екстра поддршка од пратеници од други партии и коалиции. Паралелно со тоа, ДУИ – партија која на изборите настапи со еден широк т.н. европски фронт од 9 партии, кои претставуваат 4 различни етнички заедници – веќе почнува да се спротивставува на ваквиот епилог, сметајќи дека тие го имаат легитимитетот на Албанците, од причина што освоиле повеќе пратеници од албанската опозициска коалиција ВЛЕН. Дури, откако самите веќе го прекршија правилото „победник со победник“, сега повторно повикуваат на овој принцип, при што го модифицираат во „мандатар со победник“.
Сепак, дури и да се прифатат овие адаптирани наративи на ДУИ и партнерите според моменталните интереси и политичка реалност, прашањето е кој е победникот во албанскиот блок? ВЛЕН не го отфрла или игнорира овој принцип, туку напротив – тврди дека тие преговараат со ВМРО-ДПМНЕ за нова влада токму како победник во албанскиот блок, образложувајќи дека се единствените претставници на мнозинската албанска волја. Како аргумент во таа насока го наведуваат фактот што ДУИ настапил во предизборна коалиција со албански партии, но и со партии на три други етнички заедници во земјава – турската, бошњачката и ромската.
Во секој случај, многу е тешко да се утврди, а уште помалку изброи колку од гласовите во Европскиот фронт на ДУИ, па дури и на ВЛЕН, составен од БЕСА, АА, ДД и Алтернатива, се на Албанци, а колку на други етникуми. Но, може да се издвојат параметри и да се утврдат тенденции, кои посредно може да наведат кој го има легитимитетот. Прво и основно, треба да се види колку гласови ДУИ освојувала во минатото и со колку гласови ги претставувала Албанците во претходните влади, па потоа тоа да се спореди со поддршката што ја освои коалицијата ВЛЕН, настаната како резултат на обединување на повеќе политички партии.
Во таа насока, на пресвртните избори во 2016 година ДУИ освои 86.796 гласови и 10 пратенички мандати, што беше пад за цели 9 пратенички мандати во споредба со претходните избори во 2014 година, кога партијата освои рекордни 153.646 гласови и 19 пратеници. Иако опозициските БЕСА, АА и ДПА заедно имаа значително повеќе гласови од ДУИ (123.953), сепак, тие освоија исто толку 10 мандати, поради тоа што настапија одделно, па многу нивни гласови „изгореа“ при пресметките со Донтовата формула. И покрај преполовениот резултат за само 2 години и драстично помалку освоените гласови во однос на албанската опозиција, ДУИ повторно се прогласи за победник кај Албанците и за легитимен претставник во владата.
Веќе на следните парламентарни избори во 2020 година, ДУИ го подобри резултатот, освојувајќи 104.699 гласови и 15 пратенички мандати. На тој начин, ДУИ повторно стана легитимен дел од владата предводена од СДСМ на Зоран Заев, во која членуваше сè до изминативе избори во оваа 2024 година. Меѓутоа, за разлика од претходно, кога албанските опозициски партии настапуваа самостојно или во мали блокови, а во една прилика БЕСА коалицираше и со СДСМ, на изминатите избори дојде до обединување на најрелевантните албански опозициски партии во еден опозициски блок, кој доби назив ВЛЕН. Со тоа, она што Али Ахмети долго време го бараше, односно обединување на албанската опозиција против ДУИ за да не паѓаат во вода албански гласови, на крајот го доби.
Арно ама, набргу стана јасно дека тоа било само блеф на Ахмети. Веднаш откако Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити си подадоа рака за соработка, а на крајот им се приклучи и Арбен Таравари, Ахмети прво стимулираше потреси во дел од овие партии, од каде што се отцепија Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи и формираа нови субјекти. Потоа, тој склучи пакт и со некогаш лутите ривали Зијадин Села и Мендух Тачи, кои во коалицијата добија далеку подобри позиции отколку што реално тежат на политичката сцена. На крајот, склучи предизборни договори и со Демократската партија на Турците на Бејџан Иљас, Движењето на Турците за права и демократија на Сали Мурати, Бошњачкиот демократски сојуз на Мунир Колашинац и со Унијата на Ромите на градоначаникот на Шутка Куршо Дудуш.
Со сите овие партии на купче, фронтот предводен од ДУИ освои вкупно 137.561 глас, кои првично донесоа 19 пратеници, од кои 10 пратеници се на ДУИ, а останатите 9 или скоро половина се на коалициските партнери – 4 на Села, 2 на Тачи, 1 на Реџепи и по 1 на турските субјекти. Наспроти нив, ВЛЕН освои 107.081 глас, кои им донесоа 13 пратеници или 6 помалку од ДУИ. Но, треба да се нагласи дека оваа разлика се стопи при прегласувањето на неколку избирачки места, бидејќи фронтот на ДУИ изгуби 1 пратеник, а ВЛЕН доби исто толку 1 пратеник, што соодносот го прави 18 наспроти 14 во корист на ДУИ или плус 4 во однос на ВЛЕН.
Тука се битни неколку моменти. На последните избори на кои настапи самостојно во 2020 година ДУИ освои 104.699 гласови и со тие гласови стана дел од владата, додека сега ВЛЕН претендира да ја замени со освоени 107.081 глас, што е за 2.382 гласови повеќе отколку што ДУИ освои сама пред 4 години. Но, прашањето е дали ДУИ сега тежи исто колку и пред 4 години и дали сите овие 32.862 гласови плус што партијата ги освои на овие во споредба се претходните избори се резултат на сорабоката со коалициските партнери? Додека од ДУИ го минимизираат уделот на партнерите, од ВЛЕН велат дека тој не бил незначителен. Каде е тука вистината?
Ако сите се согласуваат дека ДПА и новите партии на Хоџа и Реџепи се маргинални, па крајно дискутабилно е дали тие заслужуваат пратеници, тогаш мора да се каже дека Села има поголема тежина, независно што неговата партија беше силно погодена од судирот и разделбата со Таравари. Најдобра потврда за тоа е петтата изборна единица, каде што Европскиот фронт ја постигна најубедливата победа против ВЛЕН. Додека во другите изборни единици се работи за мали разлики во корист на едните или на другите, во „петтката“ Европскиот фронт освои 26.640 гласови, а ВЛЕН освои 10.728, што е разлика за скоро 16.000 гласови. Несомнено, тоа е резултат на доминација на ДУИ во Кичевско, од каде што доаѓа Ахмети, но и на соработката со Села, чиј бастион е Струга.
Понатаму, дали може, колку-толку, да се измери и придонесот на другите партнери на ДУИ? Меѓу повлијателните се смета Демократската партија на Турците на чело со Иљас, кој на претходните изборни циклуси беше избран за републички пратеник како дел од коалицијата на СДСМ. На последните парламентарни избори, тој повторно стана пратеник како дел од заедничка листа со ДУИ, меѓутоа на последните локални избори во 2021 година неговата ДПТ настапи самостојно во многу општини и притоа освои 17 советнички места, како и плус 4 советници на заеднички листи со СДСМ. Вкупно, ДПТ освои 9.781 гласови на листите за советници каде настапи самостојно, како во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа, Долнени, Пласница….
Од таа гледна точка, може да се каже дека само турската партија на Иљас тежи најмалку 10 илјади гласови, додека не е за потценување ниту движењето на поранешниот уставен судија Мурати, кој своевремено оствари средба и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Дополнително, вреди да се истакне дека Дудуш, кој беше пратеник и стана градоначалник на Шутка како кандидат на СДСМ, но по недоразбирањата со партијата се кандидираше за втор мандат со помош на печатот на ЛДП и ДОМ, вториот пат успеа да победи со 4.156 гласови. Неслучајно, Европскиот фронт победи во оваа општина, каде што порано на тронот се менуваа ВМРО и СДСМ.
Имајќи ги предвид овие бројки, јасно е дека придонесот на „помалите“ албански и неалбански партии, пред сè на Села, Иљас и Дудуш, е голем, па дури можеби и клучен за предноста на Европскиот фронт пред ВЛЕН. Затоа, не само што ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ може математички да формираат нова влада, туку може да се сметаат и за легитимни носители на власта. Конечно, треба да дојде време кога коалициските влади ќе се формираат врз база на заеднички идеолошки, политички и програмски цели и вредности, а не само врз основа на бројки.