Ерата на социјалните мрежи со себе носи и можности, и опасности. Расипаните политички умови направија фузија на социјалните мрежи со лажните вести. Комбинацијата е страшна за сите нас, чесните, а ужасно корисна за сите нив, нечесните.
Пишува: Стефан БОГОЕВ
Кромид е зеленчук што расте на нашето поднебје. Некогаш благ, некогаш лут, но дел од речиси секоја македонска манџа. Некои го уживаат, на некои им прави проблеми со стомакот.
Зборувајќи за кромидот, не можам, а да не се начудам на генијалноста или на коинциденцијата на тој што ја смислил кованицата „Кромид вест“. Оваа кованица во македонскиот колоквијален јазик е синоним за лажна вест или понекогаш сатирична содржина.
Сатирата не е ништо ново. Таа датира одамна и секогаш имала за цел да ги опушти и насмее читателите или гледачите, исмевајќи некои актуелни, реални случувања во јавниот живот, прикажувајќи ги поинаку од реалноста. Се сеќавате на легендарните Хихирику или на неповторливите К-15.
Но, ерата на социјалните мрежи со себе носи и можности и опасности. Расипаните политички умови направија фузија на социјалните медиуми со лажните вести. Комбинацијата е страшна за сите нас, чесните, а ужасно корисна за сите нив, нечесните.
И одеднаш исчезна смеата што ни ја носеше своевремено сатирата. Лагата стана новото нормално. Па, сетете се колку пати сте голтнале кромид? Не зборувам за главичка кромид, зборувам за „голтната“ лажна вест.
Пласирањето лажни вести, особено на Твитер и на Фејсбук стана речиси нормално, до степен човек да не знае што е реалност, а што лага. А токму тоа е целта на главните „кромидари“ во политиката.
НЕКОЛКУ ЧЕКОРИ
Како функционира тоа во неколку чекори:
1. Пласирање лажна вест на Твитер и на Фејсбук
Тоа најчесто се случува преку т.н. влијателни твитер-профили или преку фејсбук-групи. Оние групи што постираат рецепти за подготовка на храна, вицови за душа или пејзажи од Македонија, а одвреме навреме ќе го пофалат Мицкоски или Апасиев, онака дискретно, па потоа ќе пласираат и некоја вест како ЛГБТ двојки се промовирале во училишта во Скопје, на пример. Или како владата договорила сто илјади Авганистанци да се населат во Македонија, а потоа повторно ќе постираат рецепти, вицови и пејзажи.
2. Ширење на лажната вест
Тука настапува армија лажни профили – ботови што споделуваат, а на нив се приклучуваат и интернет-портали, најчесто регистрирани на Белизе или Сејшели (ве асоцира на некој!?) на кои не може да им најдете ни сопственик, ни уредник. Кромидот или лажната вест се пласира како апсолутна вистина. Граѓаните на Твитер и на Фејсбук истовремено се изложени на стотици профили што ја објавуваат таа вест, а наидуваат и на куп портали што го пишуваат истото. Истите профили и портали, кои често го фалат лидерот на опозицијата дека е голем патриот, а од друга страна шират лажни вести за власта и државата.
3. Печат на вистината
Граѓаните, читајќи стотици профили и десетици портали, се збунети, но тука најчесто доаѓа печатот. Потврда дека веста е точна. А кој подобро би потврдил ако не некој што сите го знаат!? Пејач, глумец, инфлуенсерка и слично, кои за некое чудо често може да се видат на митинг на ВМРО-ДПМНЕ или да лајкнат дискретно некој статус на еден од најуспешните „кромидари“, лидер на десната левица – Девица! Чесните и наивни граѓани се веќе целосно излажани и веруваат дека оваа вест е вистинска, а не лажна!
4. Креирање хистерија
Тука настапува опозицијата со прес-конференции, умешно спакувани во прашална форма, за да се фрли сомнеж, а, сепак, да се заштитат од тужба за клевета. Корисен инструмент е и телевизијата Бета, која се финансира од реклами за унгарски маслинки и сето тоа на крај резултира со зовриена ситуација што треба да се прелее во протести на улиците предводени од некој нов Супермен близок до ВМРО ДПМНЕ.
НОВА РЕАЛНОСТ
Вака се креира нова реалност, лагите стануваат вистини, а потоа од човек на човек се шират како ексклузивни информации. По кафеани, фризерници и кооперации се главни теми. Лагата се шири како чума.
Звучи познато? Се сеќавате на „Мигранти ќе се населат во Македонија“? На „Нема гас, нема јаглен, ќе имаме рестрикции на струја“? Или, пак, на „Македонскиот јазик ќе стане западнобугарски дијалект“?
Сите овие лажни вести беа пласирани како апсолутни вистини од еден извор, кој има за цел да ја дестабилизира државата за Мицкоски и Апасиев да дојдат на власт.
Како што реков за кромидот на почетокот, за опозицијата благ, за граѓаните лут, но дел од секоја политичка манџа. Но, сега, откако знаете која им е шемата и целта, останува да читате.
Да ги проверувате информациите од повеќе релевантни извори, од институциите и од кредибилните медиуми. И да не молчиме! Колку повеќе молчиме, толку се тие посилни.
Дури и лутиот кромид може да е вкусен и благ. Само треба да го свариш!
(Авторот е потпретседател на СДСМ)