За Кривичниот суд затворот во Струга е виновен што Мијалков не бил донесен на рочиште

by fokus

Откако од струшкиот затвор денеска се оправдаа дека Сашо Мијалков не бил спроведен на судењето за „Титаник 2“ поради техничка грешка на судот, од Кривичниот суд пак појаснуваат дека на повратницата од наредбата за спровод бил напишан точниот датум на рочиштето, односно 22 декември.

-Судечкиот совет кој постапува по предметот, на денешната главна расправа, по добивање на информацијата дека обвинетиот не е спроведен од Затворот Струга, пред сите присутни странки и јавноста на судењето ја прикажа Повратницата од достава на наредба за спровод, примена во затворот на 14.12.2022 година, а на која под графата Евиденција (ЕВ) за време е наведена датата 22.12.2022 година што е показател за денот кога треба да се изврши спроводот, а која ја објавуваме во прилог на соопштението.

Од Кривичен објаснуваат дека од судската пракса по која се постапува, наредбата може да содржи дата за насрочена прва главна расправа, а за сите понатамошни наредби важи Евиднтниот број на повратницата која ја добива Затворот.

-Во однос на објаснувањето на Затворот Струга дека наредбата се однесува за 12.12.2022 година (кога се одржала последната расправа), особено е важно да се истакне дека Затворот истата ја примил на 14.12.2022 (евидентно од повратницата) па нејасно е како би ја спровеле наредбата два дена подоцна, велат од Кривичниот суд.

Оттаму појаснуваат дека обвинетиот Мијалков знаел дека следното рочиште е закажано за 22 декември.

-Дотолку повеќе што на судењето одржано на 12.12.2022 година во присуство и на обвинетиот, неговите бранители како и спроводната служба од Затворот Струга е нагласено дека следната расправа е насрочена за 22.12.2022 година и сите пристуни се сметаат за уредно повикани, појаснуваат од судот.

Оттаму додаваат дека за сите овие детали Кривичниот суд ја известил Управата за извршување санкции при Министерството за правда. Следното рочиште пак е закажано за 26 декември.

Претходно од затворот од Струга пак се оправдаа дека на двете наредби за спровод бил напишан 12 декември како датум на закажано рочиште.

В.В.

Поврзани новости