Македонскиот премиер Димитар Ковачевски смета дека ЕУ сака да ја види Северна Македонија како дел од европското семејство, со оглед на тоа што „ние сме најдобрата држава во регионот“.
За посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен која е најавена за крајот на овој месец тој рече дека на средбите ќе стане збор за скрининг процесот, инвестициите, но и за продолжување на евроинтеграцискиот пат.
„Ние сме држава која во моментот е најдобра во регионот, и секако дека и Европската Унија што веќе го отпочна процесот за свое реформирање и ќе прима нови членки сака да ја види земјата како дел од ЕУ оти оној што е најдобар треба и прв да влезе“ – рече Ковачевски.
Премиерот вели дека „не би користел зборови како `убедување` кога станува збор за посетата на Фон дер Лајен бидејќи такви споредби милува опозицијата“.
Наспроти тоа, Ковачевски рече дека во земјата пристигнува голем пријател.
Премиерот Ковачевски смета дека единствената идеја која секогаш ќе биде водилка на нашата држава е идејата за европска Македонија.