За компромитацијата на безбедносните служби

by Fokus

Според моите сознанија, кои се кредибилни, има уште неколку други случаи на издавање државјанство на сличен случај како Онишченко, кои се, исто така, спорни и за кои исто не е направена безбедносна проверка, што само покажува на силна ерозија во рамки на безбедносните служби

Пишува: Александар НИКОЛОСКИ

Македонските безбедносни служби, подолг временски период се причина за бројни политички кризи во Македонија, за уривање на меѓународниот углед, за немањето одговор кон странското мешање во Македонија, пред сѐ тука мислам на мешањето и провокациите од Бугарија преку отворањето на т.н. клубови, а се добра причина и за многу криминал и корупција што се толерираат.

Во еден збор, тие се спротивно од тоа што им е опис и попис на работни задачи. Случајот со македонско државјанство со лице барано со потерници и на црна листа многу кажува.

СЛУЧАЈОТ ОНИШЧЕНКО

Да одиме со факти. За кое било лице да добие државјанство што не е родено во Македонија, мора да се направат безбедносни проверки, но и интервју со лицето, а за да се направи тоа, тој мора да е физички присутен во државата.

Онишченко, вкупно, пред да добие државјанство, а тоа го добива на 31 мај 2022 година, бил само два дена во Македонија, во декември 2020 година и во април 2021 година, а државјанство добива во мај следната година.

Во периодот помеѓу не бил присутен, што значи прекршен е законот, кој вели мора да се направи безбедносна проверка, но исто така и разговор, односно интервју. И самата влада кажа дека има пропусти поради неточни податоци, и тоа е одговорност на МВР.

Потписот е спротивен на неговото име, кое е на О, а потписот е на А, веројатно свесен дека прави нешто на работ на законот и затоа, покрај одговорност на директорот на АНБ, одговорност мора да понесат и министерот за внатрешни работи и премиерот.

Според моите сознанија, кои се кредибилни, има уште неколку други случаи на издавање државјанство на сличен случај како Онишченко, кои се, исто така, спорни и за кои исто не е направена безбедносна проверка, што само покажува на силна ерозија во рамки на безбедносните служби.

Се работи за 4 други пасоши дадени на лица со спорно или криминогено минато. Ова е надвор од скандалот за 215 пасоши за нарко-босови.

За случајот со Онишченко треба да има одговорност на три нивоа. Тие три нивоа се кај директорот на АНБ, министерот за внатрешни работи и кај премиерот, кои дозволија ваков скандал и ги нарушија безбедноста на Македонија и меѓународниот имиџ.

НИВОА НА ОДГОВОРНОСТ

Првото ниво е на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, кој веднаш треба да поднесе оставка и воопшто не треба да помислува да оди за амбасадор во Париз, затоа што еден ваков скандал, покрај неговиот личен имиџ, го урива и имиџот на Македонија.

Второто ниво на одговорност е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, затоа што самата влада призна дека се погрешно дадени податоци и тоа е основ по кој ќе го одземаат државјанството на Онишченко, а токму Министерството за внатрешни работи е задолжено за правилно земање податоци за издавање лични документи од типот на лична карта и пасош.

Постои сериозна одговорност кај министерот за внатрешни работи, а да не заборавиме дека тој е човекот што стои зад аферата со познати 215 македонски пасоши за криминалци, а веројатно се многу повеќе.

Гледаме дека со македонски пасоши се испоубија и по Истанбул, Киев и по други европски метрополи бандитите од целиот регион. Гледаме дека светски мафии од типот на италијанската користат македонски пасоши да ги прикријат сопствените дејствувања, така што тоа е второто ниво на одговорност.

Третото ниво на одговорност е премиерот Димитар Ковачевски, затоа што ова е скандал, кој кажува две работи. Прво, дека се урива имиџот на Македонија. И второ, дека безбедносните служби воопшто не функционираат.

Јас сум убеден дека основната причина зошто овој пропуст се случи е неспособноста и корупцијата. Безбедносните служби се полни со луѓе што се неспособни и кои се длабоко корумпирани.

Наместо да се занимаваат со заштита на уставноправниот поредок на Македонија, се занимаваат со криминал, со уценување бизнисмени и со следење на опозицијата. Затоа ги донесоа безбедносните служби да бидат на потсмев, но исто така и да ја загрозат безбедноста на Македонија.

Темелна реформа веднаш! За почеток да се испочитува законот и сите вработени во АНБ и АР да поминат на полиграф, како услов да го задржат своето работно место.

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости