За Комерцијална банка приоритет е привлекување на инвеститор од странство и купување на Стопанска АД Битола

by Fokus

За „Комерцијална банка“ купувањето на на „Стопанска банка“ АД Битола е приоритет, но најголемата банка во Македонија се уште спроведува длабинска анализа за утврдување на можноста да ја присоедини.

Оваа идна трансакција една од приоритетните цели на „Комерцијална банка“ во следниот период кои се објавени во развојниот план на банката за периодот од 2024 до 2026 година.

Во планот за развој, една од вкупно десетте приоритетни цели и задачи претставени во развојниот план на банката за периодот 2024-2026 година е и привлекување стратегиски инвеститор од странство.

„Доколку акционерите на ’Комерцијална банка’ АД Скопје обезбедат контролен пакет на акции и утврдат соодветни параметри, менаџментот на банката ќе презема соодветни постапки, мерки и активности за евентуално привлекување потенцијален странски стратегиски инвеститор“, пишува во развојниот план на банката.

Во него се дефинираат и условите што би требало да ги исполнува потенцијалниот странски инвеститор. Меѓу нив се наведува дека инвеститорот треба да е банка чие име е реномиран меѓународен бренд, понудата да ја одразува реалната вредност на акциите на „Комерцијална банка“ и да достави стратегиски план за идниот развој на банката.

„Комерцијална банка“ АД Скопје ја заврши 2023 година уривајќи неколку рекорди. Банката објави дека ќе исплати 33,7 милиони евра за дивиденди, односно по 1,47 евра бруто по акција. Високата дивиденда следуваше по објавата на финансиските резултати на банката за 2023 година, кои покажаа рекордна заработка од 58,2 милиони евра што е за 66,6 проценти повеќе во однос на претходната година.

Максимизирање на профитабилноста на работењето со преземање прифатливи ризици останува една од приоритетните цели на банката во претстојниот период. Оттаму целат и кон одржување и евентуално зголемување на учеството на банката во македонскиот банкарски пазар во услови на зголемена конкуренција.

O.K.

Поврзани новости