За кои пратки од странство се наплаќа ДДВ и царина?

by fokus

Со развојот на онлајн купувањето граѓаните се помасовно купуваат производи од странство. Но, при таквото купување има правила за тоа во кој случај треба да се плати царина на производот и во кој случај се плаќа ДДВ.

Директорот на Царина, Стефан Богоев за „Фокус“ ги објасни правилата. Како што вели тој, пратки со мала вредност испратени од странство од страна на физички лица со вкупна вредност до 45 евра по пратка се ослободени од плаќање на царина и ДДВ (под услов да не се од комерцијална природа).

Доколку пратките со мала вредност испратени од странство од страна на физички лица ја надминуваат вредноста од 45 евра за нив се плаќа увозни давачки (единствена царинска стапка од 15% од вредноста на стоката, според Законот за царинска тарифа) и ДДВ (18% или 5% – доколку стоката е со повластена стапка, согласно Законот за ДДВ)

Пратки со мала вредност испратени од странство од страна на правни лица со вкупна вредност до 22 евра се ослободени од плаќање на царина и ДДВ.

За пратки од 22 до 90 евра испратени од правни лица има ослободување од царина, но се плаќа ДДВ (18% или 5% – доколку стоката е со повластена стапка)

За пратки со вредност над 90 евра се плаќаат увозни давачки (единствена царинска стапка од 15% или друга стапка согласно тарифната ознака) и ДДВ (18% или 5% – доколку стоката е со повластена стапка).

Ослободувањата не важат доколку пратката содржи алкохол и пијалоци што содржат алкохол, парфеми и тоалетни води, тутун и преработки од тутун.

К.С.Б.

Поврзани новости