За изгледот на универзитетот „Мајка Тереза“ ќе одлучуваат оние кои го избраа барокот на УКИМ

by fokus

Во составот на жири комисијата која ќе одлучува за изгледот на универзитетот „Мајка Тереза“ се наоѓа и името на член од Комисијата која го избра идејното решение за двете нови згради на влезот од Универзитетот „Кирил и Методиј“ кои добија барокен изглед. Наташа Хаџи Лега, која учествуваше во петчлената Комисија за ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, сега ќе има одлучувачки глас и во изборот на идејно решение за новиот универзитет кој ќе се издигне на местото на касарната „Илинден“.

Хаџи Лега е поранешна директорка на Директоратот за технолошко индустриски развојни зони. Петчлената комисија која го одреди изгледот на двата факултети, ги избра трудовите на архитектот Жарко Чаушевски, одговорен за поголемиот број објекти од проектот „Скопје 2014“.

Овој конкурс одеше преку Министерството за образование и наука, додека конкурсот за универзитетот „Мајка Тереза“ го распиша самиот универзитет. Првата награда за избраното идејно решение е 600 илјади денари или околу 10 илјади евра, втората награда 500 илјади денари и третата награда 400 илјади денари. Доделените парични награди истовремено претставуваат авторски надомест за отстапување на правата за користење на трудовите.

Најновиот државен универзитет е составен од пет факултети – за технички науки, за градежништво и архитектура, за технолошки науки, за информатика и за социјални науки, со 14 студиски програми. Почна со работа во 2016 година во просториите на Сојузот на синдикатите.

 

Поврзани новости