За изборот на Џафери ќе се одлучува кога ќе се изберат новите уставни судии

by fokus

Изборот на Талат Џафери за претседателот на Собранието, што се случи на 27 април 2017 година, денеска се најде на дневен ред на седницата на Уставниот суд, но не беше донесена одлука. Од Уставниот суд појансуваат дека по оваа инцијатива ќе се одлучи на некоја од наредните седници, кога Судот ќе биде во полн состав.

-Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука за предметот У.бр.47/2017 со кој беше оспорена Одлуката за избор на претседател на Собранието од 2 мај 2017-та година („Службен весник на РМ” бр.53/2017) донесена од Собранието, поради недоволно мнозинство на гласови и за овој предмет ќе се одлучува на некоја од наредните седници кога Судот ќе биде во полн состав, велат од судот.

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска го добила овој предмет како готов реферат на 22 февруари 2022 година, или една недела пред денешната седница и веднаш го ставила на седница, како што е праксата за сите останати предмети, додаваат од Уставниот суд.

Како појаснување, потенцираат дека овој предмет е оформен уште во 2017-та година со спојување на три иницијативи и на 07 јуни 2017-та година, советник на Судот кому му бил доделен предметот го изготвил рефератот и го предал на тогашниот судијата-известител. Од објективни причини на почетокот на оваа година предметот е прераспределен кај нов судија, кој за две недели го проучил рефератот и го предал на Претседателката на Уставниот суд како подготвен за одлучување. Всушност, од јуни 2017-та година се до 22 февруари оваа година, тој предмет не бил предаден кај претседател на Судот за да се стави на дневен ред за одлучување.

-Во овој контекст, Уставниот суд ги информира граѓаните дека се води сметка за должината на предметите и по насока на претседателката Кацарска на сите советници и судии им е укажано приоритет да даваат на постари предмети и да внимаваат на времетраењето на постапката, а дополнително пред повеќе од четири месеци е побарано од советниците на Судот да достават информација за сите нерешени предмети, а на судиите им е укажано да реагираат кај советниците на Судот за да ги изготвуваат рефератите во најкраток рок. Токму по овие укажувања од страна на претседателката на Судот веќе е одлучено по неколку стари предмети изминатиот период, велат од судот.

Поврзани новости