За Интерпол, Груевски е слободен граѓанин на Унгарија!

by fokus

Текстот е објавен на 30 мај 2019 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1234

Пишува: Валентина ВУРМО

Меѓу 6.957 озлогласени криминалци по кои трага Интерпол, не се наоѓа фотографијата на Никола Груевски. На листата на бегалци има тројца македонски државјани, но меѓународната полиција не трага по екс премиерот на Македонија.

По барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, МВР испрати податоци до Интерпол, со седиште во Лион, Франција, но оттаму веќе три месеци одбиваат да ја објават меѓународната потерница. Од Интерпол порачуваат дома да прашаме зошто не трагаат по Груевски, а домашните, пак, креваат раменици и ја смируваат јавноста дека, сепак, постои надеж дека потерницата ќе се објави.

И додека се вртиме во круг, екс премиерот ужива во слободата која му ја пружи пријателска Унгарија.

Груевски во неколкуте свои интервјуа откри дека е сместен кај пријатели, но медиумите неодамна го уловија како стои пред Агенција за недвижнини, па се претпостави дека бегалецот си бара свој покрив над глава.

АЗИЛОТ ГО СПАСИ ГРУЕВСКИ ОД ПРОТЕРУВАЊЕ

Во моментот за Груевски активна е меѓународна потерница, но таа е објавена само на сајтот на Министерството за внатрешни работи (МВР). Во неа пишува дека 49-годишниот Никола Груевски, од татко Тало и мајка Нада, се бара за издржување на затворска казна од две години, но и по определен притвор за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Токму за ова дело е напишана и потерницата до Интерпол, односно дека Груевски е осомничен како еден од организаторите на насилниот упад во Собранието, што се случи на 27 април 2017 година.

За предметот што го водам за организаторите на настаните од 27 април побарав преку полиција да се издаде домашна и меѓународна потерница, но последните информации од Интерпол на Македонија ми се дека седиштето на Интерпол одбива да ја објави потерницата, истакна неодамна обвинителката Русковска.

Таа вели дека сѐ уште нема никаква нова информација околу потерницата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак,

очекува потерницата да биде објавена, бидејќи како што рече, ги исполнувала критериумите.

И покрај очекувањата на македонските власти потерницата да се објави, сепак, според правилникот на Интерпол, донесен во 2015 година, фотографијата на Груевски нема да осамне на нивната страница. Главната причина е што Груевски и официјално доби азил од Унгарија, со образложение дека во Македонија бил под политички прогон, а правилото на Интерпол е да не објавува потерници за лица чиј бегалски статус е потврден.

Овој правилник бил потврден и со Резолуција, која била изгласана од Генералното собрание на Интерпол во 2017 година, за што веројатно гласала и Македонија.

– Интерпол во 2015 година донесе нов правилник кој се однесува на бегалци, и меѓу другото таму е јасно напишано дека согласно новата пракса секоја потерница или црвена потерница која се однесува на бегалец ќе биде проценета директно од страна на Генералниот секретаријат на Интерпол и индивидуално ќе се цени дали ќе биде или нема да биде одобрена. Дополнително, Интерпол нема да објави потерница доколку таа потерница е од земјата од која бегалецот бега а доколку неговиот бегалски статус е веќе потврден од земјата каде што се засолнил, ни изјави Зоран Дранговски, претседател на Македонското здружение на млади правници.

Дранговски појаснува и дека според политиките на Интерпол се дава поголема верба на тие што го уживаат статусот, со цел да бидат заштитени, отколку на тоа што државите ги бараат.

ЕКС ПРЕМИЕРОТ БИЛ ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИ ПРОГОН!?

Оваа резолуција, која на еден начин ги штити правата на бегалците, е донесена поради честите злоупотреби кои ги правеле авторитарни држави како Турција, Русија и Кина. Поточно, овие земји често го користеле Интерпол како орудие за пресметка со неистомисленици и дисиденти.

Македонија во 1993 година стана дел од Интерпол, а во организацијата членуваат уште 193 држави, поради што е тешко да се направи проценка колку од распишаните потерници се политички мотивирани.

Оваа резолуција создава рамнотежа помеѓу зајакнувањето на меѓународната полициска соработка и обезбедувањето адекватни и ефикасни заштитни мерки за заштита на правата на бегалците, појасни генералниот секретар на ИНТЕРПОЛ, Јерген Сток, при нејзиното донесување.

Или протолкувано, ова би значело дека Интерпол повеќе и верува на Унгарија, на нејзината потреба да го заштити македонскиот бегалец, отколку на нашата држава, која го бара за да му суди.

Груевски според унгарските власти бил жртва на политички прогон. Ова е официјалниот став на Унгарија кој го соопшти министерот за правда Лазло Трошани кој вели дека по нивната одлука за азил залудно било барањето на Македонија за екстрадиција.

Министерот, гостувајќи во тамошните медиуми, објаснуваше и дека поранешниот македонски премиер сега има право да побара унгарски патни документи и потоа ќе може слободно да патува во Европската унија како секој друг граѓанин. И не само што ќе може да патува, туку ќе може и да се кандидира на избори и да биде избран на високи политички функции.

Министерот не ги откри деталите со кои Груевски ги убедил тамошните власти дека е жртва на политички прогон, но повикувајќи се на сигурни извори тоа го сторија тамошните медиуми.

Наводно, Груевски се пожалил дека неговиот наследник, премиерот Зоран Заев, предвреме најавил дека ќе биде осуден на казна затвор за случајот „Тенк“. Исто така, рекол и дека му се нудело одложување на извршувањето на казната затвор, во замена за поддршка на уставните измени.

Високи владини функционери, братот на премиерот и главниот обвинител, му кажале на Груевски и на дел од неговите колеги дека ова може да се случи доколку ги убеди пратениците од неговата партија да гласаат за уставните амандмани, пишува весникот „Маѓар Идок“.

Наводно како аргумент во своја полза Груевски го искористил и поставувањето на новиот претседател на Кривичниот суд, Иван Џолев, со што рекол дека се забрзале петте процеси што се водат против него.

Шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гулаш, пак, изјави дека Македонија има лошо правосудство и очајни услови во затворите и дека за ова потврда биле и извештаите на Европската комисија и Советот на Европа. Токму овие параметри, потенцираше Гулаш, се земаат предвид во постапката за добивање азил во Унгарија.

Забелешката на Гулаш е на место, но очигледно заборавил да спомене дека лошата состојба во затворите беше нотирана додека Груевски стоеше на чело на државата.

САМО ТРОЈЦА МАКЕДОНЦИ НА ЛИСТАТА НА ИНТЕРПОЛ

Покрај потерницата на Груевски, Интерпол одбива да ја објави и потерницата за Никола Бошковски, поранешен началник во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кој исто така е еден од осомничените за „27 април“. Бошковски заедно со Горан Грујевски избегаа од 2017 година, откако беа обвинети во случајот „Таргет и Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), односно за масовното нелегално прислушување во УБК.

Причината за необјавување на потерницата на Грујевски, како што дознаваме, е иста и за Бошковски, односно бидејќи неговото барање за азил во Грција е во процедура.

На моменталната листата на Интерпол има само тројца македонски државјани, Џемсит Дехари, Аќиф Ајро и Шпетим Битичи, по кои во моментов е распишана т. н. „црвена белешка“ од страна на меѓународната полициска организација.

По 51-годишниот Дехари, родум од село Гајре, Тетовско, трага Германија. Таму е обвинет за три случаи на грабеж со земање заложници. По него трага и Унгарија каде е обвинет за убиство. Во потерницата од Интерпол се предупредува дека Дехари поседува боречки вештини и дека е опасен.

Триесет и осумгодишниот Ајро е баран во САД каде што е обвинет за серија физички напади и закани. Тој е роден во САД, но покрај американското, поседува и македонско државјанство.

И третиот и последен бегалец по потекло од Македонија, Шпетим Бетичи е баран од Германија. Овој 47-годишник, роден во Скопје, во Германија е обвинет за убиство.

Од Интерпол објаснуваат дека „црвената белешка“ не ги обврзува земјите да го уапсат бараното лице, туку можат самите да одлучат каков правен статус ќе ѝ дадат на белешката. Практично, тоа е само информација за лица кои се бараат со меѓународен налог.

Покрај јавната листа, објавена на веб сајтот на Интерпол, постои и тајна листа, до која пристап имаат сите полициите од земјите членки, па на неа според информации од МВР, се објавени бројни криминалци од Македонија по кои се трага.

На оваа тајна листа, уште од 2012 година се имињата и фотографиите на Алил Демири и Агим Исмаиловиќ, обвинети во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство што беше извршено кај Смиљковско езеро. Тогаш, додека предметот бил во истрага, било проценето дека осомничените не треба да бидат објавени јавно, за и самите да не видат дека ги бара Интерпол.

Груевски не се наоѓа ниту на оваа тајна листа. Тој е слободен граѓанин за унгарските власти, кој слободно ќе може да шета и низ останатите држави, членки на ЕУ. Или, во превод, тешко дека некогаш повторно ќе го видиме екс премиерот на обвинителна клупа или во затвор. Тој за себе ја избра ЕУ, а своите верни соработници ги упати кон „Шутка“ или „Идризово“.

ГРУЕВСКИ НЕ ИМ КРЕНАЛ СЛУШАЛКА НА НОВИТЕ АДВОКАТИ

Еленко Миланов, еден од доскорашните адвокати на Никола Груевски, минатата година истакна дека во два наврати комуницирал со неговиот клиент, по бегството во Унгарија. Еднаш му се јавил, а вториот пат се допишувале преку смс пораки. Оттогаш, Миланов вели дека се слушнале уште еднаш со Груевски, за да му каже дека е во негова полза да ги откаже полномошната на сите бранители и да добие адвокати по службена должност.

За случаите „Талир“ и „Титаник“, Груевски од неодамна го брани адвокатката по службена должност, Билјана Крстевска. Таа вели дека сѐ уште не стапила во контакт со клиентот Груевски.

Нови адвокати на Груевски му се и Мехмед Сефери, кој треба да го застапува во предметот „ТНТ“, односно за рушењето на „Космос“. Адвокатот Петар Димовски, пак, ќе треба да го брани во случајот „Насилството во Центар“.

СÉ УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ КОЈ МУ ПОМОГНАЛ НА ГРУЕВСКИ ДА ИЗБЕГА

Истрагата за бегството на Груевски, пак, може да се каже дека тапка во место, бидејќи сѐ уште не е откриено кој му помогнал да излезе од Македонија.

Документот од Албанија кој неодамна го доби шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, не открива ништо ново.

– Го разгледав документот, но нема ниту една корисна, нова информација. Пишува на кој граничен премин Груевски излегол од Албанија и каде влегол во Црна Гора, а тоа веќе го добивме како информација од Црна Гора. Албанија не го открива она што ние го баравме, а тоа е како влегол во нивната држава. Исто така, нема информации, ниту снимки, за хотелот во Албанија каде што бил Груевски, изјави Русковска за „Фокус“.

Албанија претходно одби да ги достави и снимките од граничните премини, под изговор дека се избришани.

Снимки од граничните премини предаде Црна Гора, а се разгледуваа и снимки од камерите на македонските гранични премини, како и од камерите низ Скопје.

За бегството на Груевски во Будимпешта, Унгарија, во обвинителството исказ досега дадоа телохранителите на екс премиерот и други сведоци.

Груевски минатата година избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Груевски преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Засега неофицијално се шпекулира дека Груевски излегол од државата во близина на граничниот премин „Блато“ кај Дебар.

Поврзани новости