По повод утрешниот празник Илинден, претседателот Ѓорѓе Иванов ќе присуствува на чествувањето во Крушево. Тој ќе го посети споменикот „Македониум“ и ќе положи цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската република, Никола Карев. Во 12 часот, Иванов ќе биде дел од народниот собир на Мечкин Камен во чест на Крушевската Република – Првата Република на Балканот. Во рамки на овој собир предвидено е полагање цвеќе на споменикот на бранителите на Крушевската Република и обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.
Премиерот Никола Груевски пак, ќе присуствува на одбележување на настаните по повод државниот празник 2 Август – Илинден, Денот на Републиката и Првото заседание на АСНОМ во Скопје. Него ќе го придружува владина делегација составена од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и заменик-министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска. Премиерот Груевски во 11:30 часот ќе положи цвеќе на споменикот на Методија Андонов Ченто, каде што и е предвидено негово обраќање.