За хотелските гости нема да треба доказ за вакцинација

by fokus

Хотелите остануваат да работат со полн капацитет и по 16 август, само со служење пансион, во затворен простор, без потврда за имунизација од Ковид – 19. Ова го потврди претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ Крсте Блажески, посочувајќи дека редари мора да имаат во објектите, кои нема да примаат надворешни гости во затворените ресторани и сали.

– Беше прифатено нашето барање, направени се измени и потврда за вакцинација нема да требаат за служење пансион и за над 30 гости од хотелот. Ќе пробаме во најдобар ред да ги почитуваме времените мерки и што побрзо да излеземе од овие лоши времиња, рече Блажески.

Првиот човек на ХОТАМ наглaси дека и натаму ќе останат да ги почитуваат протоколите со постојано дезинфекција, задолжително растојание во рестораните и не повеќе од четири лица на една маса.

– Затекнати сме, 16 август е на две недели од крајот на сезоната. Ваквите мерки влијаат психички кај гостите, некои ги откажуваат аранжманите, други пак што планирале да користат летен одмор во некое туристичко место во земјава сега се во недоумица, додаде Блажески, нагласувајќи дека семинарите веќе се откажувале.

Смета дека требало порано да се реагира во однос на организирањето поголеми собири, како што беа многубројните забави на охридско-струшката ривиера изминатиот период.

– За поголеми собири требаше да се размисли малку порано. Ефектот е пренесен повеќе на млади лица, овој пат затоа што тие повеќе се групираа на забави. Повозрасните многу повеќе внимаваат, дури и на свадбите го нема поздравувањето со гушкање. И свадбите со внимавање не се толкава опасност, ако се почитуваат протоколите, смета Блажески.

Поврзани новости