За Груевски „Фридом хаус“ беа релевантни во 2012, сега за „куририте“ тие се соросоиди

„Фридом хаус“ вчера го објави последниот извештај, според кој, Македонија е ставена во категоријата на „транзициски/хибридни режими“, друштво во кое државава припаѓаше дури пред една деценија. Според оваа организација, нашата држава има слични демократски перформанси (или недемократски), како Украина, Грузија, Молдавија, Албанија и како Босна Херцеговина.

Откако се појави извештајот, речиси сите провладини медиуми веднаш објавија една идентична „анализа“, според која, „Фридом хаус“ е финансирана од Фондацијата Институт Отворено општество (Сорос) и следствено на тоа не треба да ѝ се верува. Како и секогаш, тезата им е дека со наводно фингираните извештаи им се помага на надворешниот и на внатрешниот непријател, Грција и СДСМ.

Оваа велелепна „анализа“ бегло поминува преку фактот дека пари за „Фридом хаус“ даваат и УСАИД и владите на САД, Велика Британија, Ирска, Шведска и на Холандија и уште неколку други фондации, меѓутоа за нив нема заговорнички аргументи. Овие медиуми исто реагираат секогаш кога ќе се појави извештај и на „Репортери без граници“ и тогаш „забораваат“ дека тие се финансирани и од други влади на демократски држави.

Интересно е дека на почетокот од 2012 година во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање за слободата на медиумите, премиерот Никола Груевски имаше забелешки за финансирањето на „Репортери без граници“, меѓутоа немаше проблем со „Фридом хаус“ затоа што до тој момент во нивните извештаи Македонија, како што самиот велеше, забележувала континуиран напредок. Значи, кога фалат арни се, кога кудат не ги бива – тогаш се соросоиди!

Еве го видеото во кое Груевски ги споредува наодите на „Репортери без граници“ и на „Фридом хаус“ во почетокот на 2012.

Целото видео во кое ги има пратеничкото прашање на Сафет Бишевац и одговорите на Груевски можете да ги видите на следниов линк.

Поврзани новости